Македонија
Во мобилната амбуланта на Клиниката за пулмологија дневно се прегледуваат по 70-80 пациенти
Во новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија за еден месец се извршени повеќе од 1.820 прегледи и контроли, соопшти Министерството за здравство.
Во просек дневно доаѓаат меѓу 70-80 пациенти за преглед или за контрола, закажани преку системот „Мој термин“, како и за време на дежурство во вечерните часови.
„Во изминатиот период зголемен е бројот на пациенти за преглед“, информира директорот на Универзитетската клиника за пулмологија, д-р Дејан Докиќ.
Во новиот објект се наоѓаат четири ординации, две амбуланти за пациенти преку „Мој термин“, една за прием на интервентни пациенти и приоритетни упати и една за контролни прегледи. Две простории – дневни болници се наменети за сместување амбулантски пациенти, како и кабинетите за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања, за ЕКГ, две посебни чекалници и други помошни простории.
„На овој начин пациентите што имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во другите амбуланти, кои претходно сите беа на едно место, и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите што доаѓаат овде во Клиничкиот центар и за друга симптоматологија“, посочува д-р Докиќ.
Од Министерството за здравство наведуваат дека во новиот објект во целост се почитуваат сите мерки за заштита на пациентите, на влез се мери температура, секој добива електронско бројче во чекалницата, а посебно назначени лица ги насочуваат пациентите внатре во амбулантите. Во посебни простории се изведуваат разни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можност за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од неколку скопски општини без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, ги известува граѓаните дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од с. Студеничани. (Општина Студеничани)
· од 09:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Ринхини и Езерци во нас. Влае. (Општина Карпош)
· од 10:00 – 12:00 часот, корисниците од ул. Пелистерска бр. 2, во нас. Карпош 3. (Општина Карпош)
· од 13:00 – 14:30 часот, корисниците од дел од ул. Миле Поп Јорданов, (објектите во околината на Градинката Пролет). (Општина Карпош)
Македонија
Сончево и топло време преку ден, попладне краткотројно невреме
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.
Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец најизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 27 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.