Македонија
Во 35 општини во Македонија нема матични гинеколози
Во 35 општини во Македонија нема матични гинеколози, а во 29 општини нема доволен број на матични гинеколози, соопштија од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Од таму изразија загриженост за лимитираниот прогрес на државата во однос на унапредување на пристапот до здравствените услуги за женско и репродуктивно здравје за жените на целата територија на Македонија.
„Жените се уште се соочуваат со бариери во пристапот до овие здравствени услуги на примарно ниво. Оваа состојба значително го отежнува пристапот на жените до гинеколошките здравствени услуги на примарно ниво. Редовните превентивни гинеколошки прегледи водат кон унапредување на здравјето на жените, бидејќи преку истите може рано да се откријат низа на заболувања и навремено да се излекуваат, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката.
Пристапот е значаен и за соодветно водење на здрава бременост, бидејќи предвидено е за време на бременоста жените да остварат минимум осум посети кај матичен гинеколог со што навремено можат да се откријат нарушувањата на здравјето на бремените жени и промени кај плодот. И покрај тоа што во 2016 година Министерството за здравство преку Јавен оглас распиша кофинансирана приватна специјализација за доктори на медицина кои имаат запишано приватна специјализација од областа на гинекологија и акушерство за примарно ниво на здравствена заштита за 20 извршители, во 11 општини, според последните податоци Министерството има одобрено само шест специјализации, што е далеку од потребниот број“, се вели во нивното соопштение.
Од ЕСЕ велат дека стапката на смртноста од карцином на грлото на матката кај жените бележи пораст, а во исто време Министерството за здравство го намалува планираниот опфат на жените со Програмата за скрининг на рак на грло на матката.
Во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1. Владата го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка за 2017 година за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година.
„Жените не се соодветно опфатени со посетите од страна на патронажна сестра за време на бременоста и во периодот по породувањето. Податоците од ромските заедници, укажуваат дека за време на бременоста жените воопшто не се посетени од патронажна сестра, а по породувањето се бележат една до две посети.
Министерството за здравство од Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата ги избриша одредбите со кои беа регулирани бројот и содржината на патронажните посети, па така во моментот не постои ниту еден правен документ кој ја регулира реализацијата на овие посети. Посетите се од особена важност за унапредување на здравјето на жените во време на бременоста, како и за здравјето на новороденчињата“, велат од Здружението ЕСЕ./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

