Македонија
Втора недела средношколците од Конче немаат превоз до училиштето

Сојузот на средношколците соопшти дека учениците од Конче втора недела немаат превоз до училиштето. Од таму бараат Општина Радовиш да им обезбеди бесплатен превоз на учениците, што, како што велат, е нивна должност.
„Не само што 66 ученици изгубија цела недела настава туку превоз до СОУ ‘Коста Сусинов’ нема и за време на оваа недела. Сојузот на средношколците ја повикува Општина Радовиш да ја исполни својата законска обврска. Член 41-а став 1 од Законот за средното образование гласи: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето ако ученикот не се смести во ученички дом“.
Член 44 од Уставот гарантира дека правото на образование е „достапно на секого под еднакви услови“. Превозот до училиштетото е право на секој ученик, а не привилегија дарувана од институциите. Тоа не е знак на нивна добра волја, туку должност кон граѓаните и средношколците.
Иако не ни се јавија од страна на институциите изминатава недела, нашата понуда да фасилитираме комуникација меѓу нив е сè уште отворена. Исто така, Сојузот презема обврска да го информира народниот правобранител за овој проблем“, велат од Сојузот на средношколците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пациенти болни од рак оставени без терапија, владата и министерот загрозуваат десетици животи

90 пациенти на кои им е потребна биолошка терапија за колоректален, оваријален и цервикален карцином цел месец не можат да ја примат потребната терапија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пациентите немаат примено терапија затоа што МЗ не распишало тендер за набавка на лековите.
Под ризик се и пациентите со рак на бели дробови, бубрег и дојка, за кои во наредните неколку месеци ќе се исцрпи потребната терапија.
Министерството за здравство да не си игра со животите на луѓето и веднаш да распише оглас за набавка на сите потребни терапии.
Дали власта сфаќа дека нивната неспособност убива луѓе?
Неспособноста и во здравството е една од причините зошто мора да има избори. Народот не смее да пати и страда заради криминогеноста и неспособноста на СДСМ и нивните коалициони партнери“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Со враќање на полициските редари се зголемува безбедноста во секое маало во Центар

Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во Општина Центар се враќаат полициските редари-позорникари. Оваа информација пред граѓаните во населбата Пролет ја сподели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје, рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
„Враќањето на позорникарите во маалата беше барање но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со 1 до 2-ца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели – заштитници “, рече Герасимовски пред граѓаните.
Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку приметат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, маалскиот-полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.
Македонија
Сончево и ветровито со температури до 26 степени

Времето денеска ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Поради разведрувањето утринските температури ќе бидат ниски за овој период од годината. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени. УВ=7
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Ќе се задржи стабилно и утре со пониски утрински температури, а дневните од сабота ќе бидат значително повисоки. Локална појава на нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи ќе има во недела.