Македонија
Голема акција за бесплатно собирање кабаст отпад во Ѓорче Петров
Од утре, 14 мај, па сè до 21 мај, општина Ѓорче Петров ќе спроведува пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад. Акцијата е наменета за сите жители на општината, со цел да се подобри хигиената во населените места и да се отстранат старите, нефункционални и габаритни предмети од дворовите и улиците.
Станува збор за организирана и бесплатна услуга, наменета за одложување на габаритни предмети како стар мебел, електроуреди и друг отпад кој не припаѓа во редовните контејнери.
Поставени се вкупно пет фиксни локации со контејнери во Хром Пољана, кај Кочо Рацин во населбата Македонска Војска, кај месната заедница во Даме Груев, во Александрија, кај стара „петка“ – Мирче Ацев и последна станица 5ка во населбата Дексион, каде ќе биде присутен и камион со капацитет од 18 кубни метри, извести Општината.
Покрај фиксните локации, во текот на целата акција специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ повеќе точки во урбаниот и руралниот дел на општината, и тоа:
Во урбаната зона:
· Наспроти влезот на Санте Плус
· Ул. Алексо Демниевски (бр. 27 и трансформаторот на бр. 1)
· Ул. Христо Батанџиев (наспроти детското игралиште)
· До кејот на Вардар (на крајот од ул. Кичевска и Рафаел Батино)
· Паркингот кај КАМ – Даме Груев
· Игралиштето на поранешната „22-ка“ во Даме Груев
Во руралниот дел:
· Ново Село (кај трансформаторот по месната заедница)
· Стопански двор (пред продавницата Блага Вода)
· Кисела Јабука (крстосница на ул. 84 и ул. 46)
· Волково (кај кружниот тек и кај Дан Дар)
· Кучково, Орман и Никиштани (сред село)
Локациите се прецизно утврдени, а целта е секој жител да има брз и лесен пристап до услугата.
Од Општината апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност, но и да бидат совесни – кабастиот отпад да се остава исклучиво на означените места и во предвидениот период, за да се спречи нерегуларното депонирање и загадување на јавните површини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд, засилен ветер и грмежи
Денеска не очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, се наведува во прогнозата на УХМР.
Како што информира УХМР, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер.
Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“

