Македонија
Градоначалникот на Штип му се пожали на техничкиот министер за труд: Две години молиме за вработувања во градинките, враќаме деца дома
По две години игнорантски однос од Министерството за труд, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денес се срестна со техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски, и му се пожали за неодобрените вработувања во градинките поради што не може да ги згрижат сите дечиња, па морале некои од нив да вратат дома. Техничкиот министер Велковски најави дека веќе имаат решение на овој проблем, но побара неколку дена за да го соопшти.
„Барањата за согласности не беа одобрени од страна на Министерството, но не само барањата за согласности за пополнување на испразнетите места, туку и можноста за добивање лиценци за воспитувачи и негуватели беше скратена како право и практично бевме дискриминирани на штета на младите генерации дечињата. Повеќе од 60 места, кои се испразнети по основ на пензионирање, побаравме во изминатите две години да бидат пополнети за да може да не биде доведен во прашање воспитно-згрижувачкиот процес. Две години молевме буквално за најмалдите да го имаат основното право за воспитно-згрижувачки процес. Навистина се срамам што живеам во ваква држава, во која се молиме за да функционираме во согласност со законот“, рече градоначалникот Јорданов.
Тој нагласи дека поради проблемите со вработувањата постојано се зголемува листата на дечиња што чекаат да бидат згрижени во градинка.
Техничкиот министер за труд е оптимист и вели дека набргу е можно решение на проблемот.
„Ќе дадеме решение многу бргу. Веќе имаме некој модел на решение со кое ќе се откочи целата оваа работа и да може оние луѓе што поднеле да се стекнат со лиценци, но оставете ни простор уште некој ден да го објавиме решението на овој проблем“, рече техничкиот министер за труд, Велковски.
Тој потврди дека комуникацијата на Министерството со Општината и со градинките одела многу бавно и речиси ја немало, а за неодобрените вработувања на местото на пензионираните, Велковски рече дека се резултат на несоодветно планирање.
„За жал, мора да констатирам дека Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период не ги планирало доволно добро ресурсите за замена на овие лица кои заминале по пат на пензионирање или по пат на нивно заминување. Не давале согласност, односно не ги пополнувале местата и тие останале празни. Денеска, градоначалникот рече дека дечињата, за жал, дури се враќаат дома, не се вклучени во образовните групи“, рече техничкиот министер Велковски.
За лиценцирање, според техничкиот министер, чекаат над 900 лица, кои поднеле барања во 2020, 2021, 2022 и во 2023 година. Најави дека и овој процес ќе продолжи иако стоел поради тоа што никој не се погрижил да избере фирма што ќе го врши лиценцирањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

