Македонија
Грковска: Дигиталната трансформација значи унапредување на услугите и на локално ниво
„Дигитализацијата на јавните услуги е предуслов за транспарентни и одговорни институции и квалитетни јавни услуги што ќе ги задоволат потребите на граѓаните. Услугите на локално ниво се клучни за унапредување и подобрување на секојдневното функционирање на граѓаните. Од тие причини е важна тесната соработка на централната и на локалната власт“. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во воведното обраќање на меѓународната конференција „Партнерство за компетитивен регион“, што се одржува во Дубровник, Хрватска, во организација на регионалната мрежа за пријателска бизнис-средина во Југоисточна Европа.
Меѓународната и регионалната соработка, во сите области, а особено во делот на дигитална трансформација на општеството, е од големо значење затоа што сите ние треба да работиме на промена на свеста, со цел да создадеме ефикасни и продуктивни општества.
„Примарната цел на децентрализацијата и пренесување голем дел од надлежностите од централно на локално ниво е да се подобри секојдневното живеење на граѓаните. Да се унапредат услугите во детската заштита, во образованието, во урбанизмот, комуналните услуги и низа други области за кои се надлежни општините. Обврска на градоначалниците, но и на сите вработени во јавниот сектор, е да бидат креативни и користејќи ја дигиталната технологија да се трудат да ги подобрат услугите за граѓаните“, нагласи Грковска и во тој контекст додаде дека меѓународната соработка и размената на искуства се клучни за побрз и поефикасен напредок.
Таа оценува дека е важна тесната соработка и со бизнис-секторот, кој исто така е важен фактор во развојот и напредокот на секое општество. Затоа, според неа, неопходен е координиран и усогласен пристап на сите нивоа.
„За таа цел, неодамна го формиравме Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, во кој, покрај министрите за информатичко општество и администрација, за внатрешни работи, за финансии и за одбрана, вклучени се и претставници од стопанските комора и од единиците на локалната самоуправа. Дигиталната трансформација не е политички процес и не е поврзан само со една политичка гарнитура, туку тоа е општествен процес и затоа во овој Национален совет вклучена е и опозицијата. Само на овој начин, преку тесна соработка и консултација со сите фактори, можен е прогрес“, рече Грковска.
Во своето обраќање се осврна и на потребата да се изгради доверба од страна на граѓаните кон институциите, кои мора да бидат сигурни дека нивните податоци ќе бидат заштитени, дека нема да бидат злоупотребувани и дека нема да им се наруши приватноста.
„Затоа, секоја држава паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството мора да работи и на сајбер-безбедноста и сајбер-отпорноста. Тоа особено го налагаат и последните геополитички активности, агресијата врз Украина ја подигна потребата за заеднички активности и акции во областа на сајбер-безбедноста и заштита на дигиталните податоци“, додаде Грковска.
На меѓународната конференција учествуваа градоначалници, политички и деловни лидери од шесте земји на Западен Балкан и Хрватска, како и претставници од организацијата Меѓународни финансиски институции (IFIs), ЕУ и донаторски организации, со цел да се споделат искуства поврзани со најдобри практики во областа на иновациите, дигитализацијата, циркуларната економија, недвижностите, даночната политика и деловниот процес на сертификација во регионот на ЈИЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

