Македонија
Грковска: Спречувањето на корупцијата во јавните набавки е предизвик за целиот регион
Во рамки на Отворениот форум за антикорупција, кој се одржува во пресрет на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Центарот за граѓански комуникации организираше дискусија за состојбата со јавните набавки во Западен Балкан, на која учествуваше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Истакнувајќи дека со јавните набавки се поврзани најголемите ризици за корупција, вицепремиерката Грковска посочи дека неопходно е да се изгради долгорочен и одржлив систем за превенција, којшто нема да трпи промена со секоја промена на власта. Таа посочи дека покрај добрата законска регулатива ни требаат и подготвени институции, кои ќе имаат стручни лица во делот на јавните набавки и добри услови за работа за да можат да одговорат на предизвиците со кои се соочени.
„Во законот не може да предвидите сè, еден дел останува на совеста и свеста на сите чинители за тоа како тие го почитуваат законот и како постапуваат“, изјави таа и додаде дека во нашата земја Бирото за јавни набавки е телото кое треба навремено да ги детектира сомнителните процеси, но секоја институција која врши јавни набавки, мора да има стручни лица кои ќе се грижат за целиот процес да биде во согласниот со законските и подзаконските акти.
Водејќи се од потребата за зајакнување на индикаторите за корупција, вицепремиерката Грковска информираше дека се преземени низа активности во насока на зајакнување на системот на алармирање на Бирото, за евентуални неправилности (црвени знаменца) во јавните набавки. Со таа цел е воспоставена соработка со Националната антикорупциска агенција на Италија, која има создадено ефикасен систем на индикатори за ризици од корупција во конкретни постапки на јавни набавки. Во оваа прилика Грковска ја истакна и својата силна заложба за објавување на податоците од регистарот на вистински сопственици во постапките за јавни набавки, кое е исклучиво во насока на превенирање и зајакнување на контролниот механизам за злоупотреби на јавните набавки.
На настанот беше презентиран Годишниот извештај за компаративна евалуација за јавните набавки во земјите од Западен Балкан, кој го изработува коалицијата на граѓански организации од регионот – Balkan Tender Watch.
Осврнувајќи се на извештајот, Грковска, посочи дека состојбата на ова поле во земјава е слична со останатите земји од Западен Балкан и истакна дека споделувањето на знаења и барањето заеднички мерки и механизми за спречување на коруптивните елементи во јавните набавки, ќе имаат придонес на регионално ниво. Според неа, посебен предизвик се ситуациите кога сѐ е формално правно запазено, меѓутоа е очигледно дека има изигрување, што се согледува и во резултатот од истражувањето за намалениот број конкуренти при аплицирањето за јавни набавки, а што исто така укажува на еден вид корупција.
„Неопходен е и силен правосуден систем со интегритет за секој сомнеж за злоупотреба на јавните пари да биде истражен и соодветно процесиран. Без овој ланец на сите институции, ние не може да имаме успех како што посакуваме. Доволно е една алка да затаи и тогаш резултатот ќе изостане“, истакна Грковска и додаде дека малиот број пријави и пресуди за поткуп се должи на недовербата на граѓаните во институциите, особено во правосудството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче по поразот на Орбан: Нема повеќе криење на Груевски во Будимпешта, ниту бизнис комбинации
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче се огласи на социјалните мрежи откако Виктор Орбан ги изгуби изборите во Унгарија.

„Вечерва Унгарија рече ДОСТА E!
Недемократскиот режим на Орбан падна – токму како што месеци наназад најавуваме.
Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во ЕУ. Нема повеќе криење на Груевски во Будимпешта, ниту бизнис комбинации. Новиот премиер на Унгарија, г. Петер Маѓар, најави длабока реформа на медиумите поради огромното влијание што Орбан го имаше врз нив. Паѓаат автократските режими. Следен е Вучиќ а со него и Мицкоски. Време е за демократија! СДСМ ќе ја врати власта во рацете на народот и Македонија конечно ќе ја врати на европскиот пат. Демократијата и Европа победуваат.“, пишува Филипче.
Македонија
Уапсени пет возачи за безобѕирно возење: двајца возеле без возачка дозвола, други двајца со активна забрана за управување возило
Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода пет возачи за безобѕирно управување возило. Од нив, двајца (во Куманово и Дебар) управувале возило без возачка дозвола, еден возач на автопатот „Пријателство“ управувал возило со брзина поголема од дозволената, додека двајца (во Кичево и Чашка) со впишана активна забрана за управување на возило, извести МВР.
По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, соопшти МВР.
Македонија
Времето утре сончево, од вторник облачно со повремени врнежи од дожд
Времето утре ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец со брзина над 60 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 15 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
Од вторник до четврток времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, а во четврток ќе има услови за изолирана појава на грмежи. Ќе дува југоисточен ветер кој во вторник ќе биде засилен, долж Повардарието со брзина над 60 km/h. Во петок и во сабота ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер.
