Македонија
Груевски: Не е точно дека ги мразам Албанците, напротив

За двојазичноста, за кантонизацијата, за патриотизмот и односот кон Албанците во Македонија, зборува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во продолжението од мега-интервјуто за еден македонски портал.
„На последните избори СДСМ отиде со понуда кон Албанците која нема да им го подобри животот, но звучи примамливо на прв поглед, особено кога некој друг вели не. Албанците во Македонија се околу 25 отсто, Македонците околу 65 отсто. 25 и 65 не е ни исто ни приближно. За да имате двојазичност на целата територија, потребно е процентите да се изедначени или приближни, што не е случај. Второ, потребно е населението да е измешано низ целата земја и низ сите поголеми градови и села, што, исто така, не е случај во Македонија. Што корист ќе има Албанец ако во Делчево, Гевгелија, Струмица или во Кавадарци има двојазичност. Таму каде што им е потребна и корисна двојазичноста, таму ја имаат. И така треба. Тоа е правилен концепт“, вели Груевски.
Кај концептот на кантонизација, Груевски вели дека најмногу го плаши растурањето на државата.
Потпрашан зошто не се растури Швајцарија или Белгија, кои се поделени на кантони, тој вели дека има огромна разлика меѓу нив и нас.
„Прво, ние живееме во турбулентен регион, со многу радикални структури и многу конфликти во историјата. Со дел од соседи кои, како и низ историјата, сѐ уште на Македонија или на дел од неа гледаат како можен плен во иднина. Не е случајно што македонското прашање сѐ уште не е затворено. Кантонот е држава во држава, која има право на самоопределување до отцепување. А, ова е Балкан“, вели Груевски.
„Но, да се вратиме на првичното прашање, а тоа е дека веројатно не сме дел од концептот и идеологијата на Сорос затоа што сме националисти. Не е националист тој што си ја сака државата и е внимателен да не се распадне. Тој може да е само добар патриот. Ако и тука со Сорос имаме разлики, а можно е да имаме, тогаш, дефинитивно, имаме идеолошки разлики“, вели Груевски.
Тој смета дека една од активностите на Соросовите невладини организации е врбување на поспособните млади луѓе низ универзитетите, од сите етнички и религиски припадности, и нивна класична индоктринација преку предавања, меѓу другото, за концептот на држава и национална припадност, а во правец дека не треба да се чувствуваат Македонци, туку граѓани на светот, утопистичка идеја која никаде не функционира, а ние треба да сме експеримент и да ја загубиме државата со таков однос кон неа.
Груевски смета дека медиумите, поддржани од Сорос и неговите послуги пласираат невистини или извртени вистини за да не се стигне до суштината.
„Знаете, во една смисла, тоа што сакаат да ни наметнат дека сме националисти, и делумно успешно го направија тоа, во голема мера ме потсетува на она што му се случуваше на новиот американски претседател Доналд Трамп. Деновиве ја читав неговата книга, свежо ми е, и затоа ќе повлечам една паралела. Низ кампањата во Америка, и таму и кај нас многу медиуми пренесуваа дека Трамп е против Мексиканците, дека Трамп е против Американците од Јужна и од Средна Америка што говорат шпански, дека е против имигрантите, против Црнците, итн. Со обзир дека не секој има време и можности детално да чита и анализира, претпоставувам многу неинформирани гласачи гласаа против него верувајќи дека навистина го кажал тоа. Читајќи ја внимателно книгата „Повторно величествена“, се уверив дека Трамп не говори така. Тој вели треба да ја сузбие нелегалната миграција, која во Америка е огромна и во најголем дел доаѓа од Мексико и од земјите со латински јазици од Јужна и од Средна Америка. Но, истовремено вели тој, парафразирам, дека приливот на имигранти што доаѓаат да живеат и да работат во Америка не треба да запре, напротив треба да се зголемат годишните квоти на имигранти од сите земји, да се поедностават, да се издаваат побрзо и поефикасно, вклучувајќи ги и Мексико и Јужна и Средна Америка, но, по легален пат, а не илегално затоа што обично преку илегалното доаѓање се спровнуваат, покрај чесни и работливи луѓе, и многу криминалци, бивши затвореници за дрога, кражби, убиства, силувања и слично, и на тој начин некои држави им ги испраќаат најлошите луѓе и се ослободуваат од нив, а тие во Америка ги трпат секојдневно последиците во секоја смисла“, вели Груевски, додавајќи дека медиумите пренесувале оти тој е против Мексиканците, против имигрантите, дека имигрантите се силувачи и убијци итн.
„Паралелата е со нашиот наводен национализам кон Албанците. Токму ние ги имаме направено најважните работи за нашите граѓани Албанци, никогаш не сум кажал ниту еден лош збор за нив, еве погледнете ги моите настапи за Албанците на митинзите во Штип, во Гази Баба, во Крушево, во Карпош, Велес… и на други места, каде што малку подолго го елаборирав тоа што го мислам за предлогот на Заев и за Албанците. Но, тоа не го имаат чуено Албанците, ним некои медиуми и политичари што се мои противници им врежаа во глава дека ги мразам Албанците, дека сум против нив, дека сум против албанскиот јазик, универзитети, знаме и слично, што е невистина. Тотална невистина. Не само што е невистина, туку е и обратно“, вели Греувски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Димитријевиќ: За партиски и бизнис интереси Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба со пет милиони евра

Од една од најбогатите општини во државата, градоначалникот Бобан Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ, за помалку од година и пол направија задолжена општина, без визија за развој, без проекти и решенија за граѓаните. Вчера, Стефковски и Советот предводен од ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба за пет милиони евра, преку таканаречена општинска обврзница, истакна Александар Саша Димитријевиќ, координатор на советничка група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Стефковски, додаде тој, наследи полна општинска каса со 3,2 милиони евра, како и низа на започнати проекти за кои не требаше да потроши денар, затоа што тие веќе беа финансирани од претходно.
„Стефковски да одговори каде во рок од само една година ја потрошил оваа заштеда, за денес да мора да ги задолжува жителите на Гази Баба. Градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја задолжија општината без да ги наведат проектите што ќе се финансираат од задолжувањето, без да го наведат рокот на отплата, без да ја објавата каматната стапка. Едноставно, Стефковски има дискреционо право како сака да ја задолжува општината“, нагласи Димитријевиќ.
Оценува дека со издавањето на оваа обврзница, која може да ја купи секој, се отвора простор одредени компании и бизнис групи преку финансирањето на обврзницата да вршат притисок врз работата на градоначалникот и Советот.
„За пет милиони евра, Гази Баба лесно може да стане заложник на нечии бизнис интереси, на одредени групи кои потоа може да диктираат носење урбанистички планови и тенедерски постапки. Освен задолжување, масовна партизација и трошење на парите на граѓаните за непродуктивни цели, Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо во Гази Баба. Играјќи по нотите на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ја турна Гази Баба во безидејност и бесперспективност, потенцира координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Македонија
ИНТЕГРА: Случајот со претепаниот Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат

„Случајот со претепаниот Христијан Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат како што се доближуваат 4 февруари и прославата за нашиот апостол на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија ги алармира безбедносните служби да преземат законски мерки во сите правци, особено во делот на инфилтрација на моќна странска служба, која работи на спречување на евро-атлантската траекторија на Македонија преку држење во состојба на порозност на јужното крило на НАТО и попречување на ЕУ-членството на Македонија“, се вели во партиското соопштение на ИНТЕГРА.
Од таму велат „за едно од можните радикални сценарија постои сериозно сомневање дека е во корелација со скорешните закани од поставени бомби во училиштата. Сомневањата водат до препоставена процена за висока безбедносна закана во таа насока, особено на релација албански екстремизам – македонски радикален национализам, обата поттикнати од истиот центар на политичка моќ“.
„На ова сценарио подолго време предупредува Љупчо Ристовски, а времето и условите се идеални за сурова радикализација на тоа. Следете ги мотивот и бенефитот од исходот при една таква разврска и ќе дојдете до целите и извршителите на такво радикализирано сценарио. Патем, да си прашаме јавно, дали ВМРО-ДПМНЕ се огради од сценаријата на радикализирање на внатрешните односи со последици врз ЕУ-перспективите на Македонија, преку случајот на деликвентот Пендиков, кој патем е нивен истакнат член?“, се вели во соопштението.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Затворите се решето во кое останува само оној што нема конекции со СДС

„Затворите се решето во кое останува само оној што нема конекции со СДС. Одговорни за тоа се затворските управи и служби поставени од СДС, во чија хиерархија доминираат луѓе од таканареченото обезбедување на партиските собири на СДС. Во само еден месец најмалку три бегства се случија на територијата на Скопје. Се посочува на врски меѓу избеганите и СДС, а молкот и немањето санкции упатува на сомнеж за намерни системски пропусти“, рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРП-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој напомена дека „Македонија е во еден многу тежок период, во кој СДС ја втурна, и период во кој и од најмал инцидент единствен бенефит ќе има токму СДС на сметка на длабоките сериозни последици за државата. Оттука, од јавен интерес е СДС и Владата да одговорат дали станува збор за смислено сценарио во кое побегнатите се пуштени да предизвикаат инциденти во државата?“
„Дали бегствата на човек, член на СДС, со фотоалбум со половина Влада, претседател на држава и цело раководство на СДС, како и на поранешен полицаец – насилник и наркодилер, двајцата од затворот во Шуто Оризари, што мина без никаква јавна одговорност или санкција, не се намерни пропусти за теснопартиски интереси на СДС, дали не се побегнати за можеби да предизвикаат, инсценираат или организираат инцидент на 4 февруари? Дали бегството без последици за затворската служба и администрација, без одговорност, со можност за организирање инцидент, значи награда и за избеганите и за затворските службеници?“, праша Стоилковски.