Македонија
Двајца пациенти се на респиратор, а уште двајца може да завршат на респиратор во „Св. Наум Охридски“, некои се со 60 отсто изгореници

Двајца од хоспитализираните 29 лица во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ по пожарот во дискотека во Кочани се на респиратор, а останатите се во стабилна состојба која постојано се следи оти се менува од час во час. Директорот на болницата, Небојша Настов, вели дека има уште двајца повредени на кои може да им треба респираторна поддршка.
„Засега двајца се на респиратор, но има уште двајца кои потенцијално може да завршат на респиратор во текот на денот и оставам простор евентуално да се влоши состојбата кај некој друг. Со надеж дека тоа нема да се случи. 29 пациенти се вкупно примени. Возраста е од 17 до 45 години. Се прави обработка на изгорениците, примарно отстранување на девитализираното ткиво. Заради тоа што во првиот момент не можете да видите кое ткиво е девитализирано, се прават преврски секој ден или секои два дена и се увидува потреба од отстранување на девитализираното ткиво. Изгорениците тргнуваат од 5-6% стигнуваат до 60% “, вели директорот Настов.
Тој објасни дека има пациенти кои вдишале чад, но и пламен.
„Работата е во тоа што најголемиот дел од изгорениците се во пределот на главата, на вратот и лицето, што подразбира дека најверојатно дошло до вдишување како на гасови така и на пламен. Не можеме да бидеме децидни во моментов колкумина ќе имаат потреба од респиратор“, вели директорот Настов.
Во овој момент, според него, нема барање за лекување во приватни болници или во странство. Понуда за помош на болниците директорот Настов вели дека имаат од Бугарија и од Србија. Евалуацијата на пациентите најави дека ќе ја прават на дневна база, ако има потреба и од час на час и подготвени се доколку има потреба да ги спремат пациентите и да ги испратат на лекување надвор од земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).