Македонија
Два дена притвор за скопјанецот за убиството во Чаршијата
Судот му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа на скопјанецот што беше уапсен за двојното убиство во скопската Чаршија во „Шиша бар“, кое се случи пред три месеци, поради постоење можност за бегство.
Ова е прво лице на кое Кривичниот суд му одредило и притвор, а се поврзува со овој случај.
Автомобилот „ауди“ беше запален во Бутел кратко по двојното убиство. Од него останаа регистарските таблици. Возилото било оставено кај подвозникот што води кон Мирковци.
Во престрелката во „Шиша бар“ убиени беа Јетон Кривањева, наречен Жила, и Енес Исени, кои се поврзуваа со наркопазарот.
„Макфакс“ објави детали по масакрот во Старата скопска чаршија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беровец на нива нашол рачна бомба и ја ставил во својот автомобил
Триесет и осумгодишен маж од селото Двориште, беровско, извршувајќи земјоделски работи на сопствениот имот, пред два дена пронашол неексплодирана рачна бомба.
Како што соопшти МВР, мажот ја зел бомбата со себе и ја оставил во неговото патничко возило „фолксваген голф“.
Следниот ден, полициските службеници од ОВР Берово излегле на местото и ја пронашле рачната бомба во возилото.
За настанот бил известен јавен обвинител и Дирекцијата за штита и спасување кои ја подигнале за понатамошна постапка.
Центарот за управување со кризи во неколку наврати има апелирано до граѓаните кога ќе се најдат неексплодирани средства од минатите војни, да не ги фаќаат и поместуваат, туку веднаш да се пријават на 112 во ЦУК.
Македонија
СДСМ: Наместо 12 отсто наставниците добиваат само 5 проценти зголемување на платите
Најавата на владата на Мицкоски за минимално зголемување на платите на наставниците од само 5 отсто наместо планираните 12 проценти е срамно и претставува обид за амортизација на незадоволството коешто постои, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение.
СДСМ смета дека Владата ги потценува наставниците и нивниот труд, а на наставниците и просветните работници не им требаат утешителни награди туку реален раст на платите.
„Наставниците заслужуваат поголема почит и поддршка за нивниот труд и напор во воспитувањето на идните генерации, а не минимални, козметички зголемувања на плати кои не одговараат на реалните потреби. Во предизборната кампања, Мицкоски и неговите соработници ветуваа значајно подобрување на животниот стандард на наставниците, но сега, кога се на власт, ги заборавија своите ветувања и се фрлија на манипулација. Манипулацијата очигледно е со цел да се спречи најавуваниот штрајк во образованието а не да им се излезе во пресрет на наставниците“, велат од СДСМ.
Опозициската партија додава дека пари има во буџетот а наставниците и просветните работници заслужуваат реално и вистинско зголемување на платите кое треба да биде 12 отсто.
Македонија
Вреди: Али Ахмети и ДУИ леат крокодилски солзи поради губењето на власта
Колку повеќе завива Демократската унија за интеграција, толку повеќе се разобличуваат нивните лаги и манипулации, и толку подлабоко паѓаат во стапиците што самите ги поставиле за да ги закопаат своите политички противници, реагира коалицијата Вреди, Влен.
„Аргументот на Али Ахмети за легитимитет е разобличен со фактот дека барем тројца од пратениците на „Европскиот фронт“ не зборуваат албански, и на албанската јавност ѝ се обраќаат на македонски јазик! Во оваа група се поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурат, милионерот и пратеник Исмаил Јахоски, познат како Пуцко Петрол, и пратеникот Бејџан Иљас. Второ, Али Ахмети одамна го загуби ексклузивното право да зборува во име на Охридскиот договор.
Бидејќи долго време е на власт и за да ја зачува својата фотелја, Ахмети направи стотици отстапки и извитоперувања на основните дефиниции на Охридскиот договор. За време на неговиот 22-годишен мандат, официјализацијата на албанскиот јазик стана предмет на пазарење, децентрализацијата на власта деградираше во банално прашање, додека вниманието се посвети само на збогатувањето на неговите вечни функционери.
Трето, Али Ахмети веќе нема морален кредибилитет да зборува за статусот на поранешните борци на Ослободителната народна армија (ОНА). За жал, за време на сите мандати на Ахмети беа затворани и убивани поранешни борци на ОНА.
Неговиот заменик Арбер Адеми беше фатен на дело! Јавноста виде во оптужницата што Арбер ја поднесе против државата поради „бегството од домашен притвор“ на Блерим Рамадани. Покрај тоа, сите влади на Али Ахмети досега редовно доделуваа финансиски средства за социјална поддршка на бранителите. Но, ниту една влада на Али Ахмети досега не го решила статусот на поранешните борци на ОНА.
Четврто, Али Ахмети го вложи својот кредибилитет и моќта на неговата партија за, преку контрола на судството, да го спаси Никола Груевски од затвор. Фактот дека Сашо Мијалков денес е слободен граѓанин, а сите негови казни застареа затоа што ДУИ заедно со Кренар Лога го сменија Кривичниот законик, не бара дополнителен аргумент дека Али Ахмети бил животно заинтересиран и работел на спасување на Груевски и негово враќање како херој од Будимпешта.
Петто, Али Ахмети имаше 22 години време, шест владини мандати, министер за надворешни работи и ПРЕМИЕР за да ги реши отворените прашања со соседите и да ја направи Северна Македонија членка на Европската Унија. Али Ахмети не успеа. Сега е време Али Ахмети да биде опозиција. А приоритетите и политиките на државата, како и нејзините стратешки ориентации, ги определува владата“, велат од Влен.