Македонија
Демири: Насилството врз здравствените работници е недозволиво, тоа претставува закана за грижата за пациентите

Министерот за здравство, Илир Демири, на денешниот Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12 Март, потенцира дека насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон.
„Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Податоците на Лекарската комора говорат дека 78 % од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80 % биле изложени на вербално насилство. Ова е фрапантен податок што покажува во какво општество живееме. Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите“, вели Демири.
Како што додава, минатата година се направија измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење професионални работни задачи е насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор.
„Важно е да се истакне дека лекарската комора прибира податоци за нападите врз лекарите за да може активно да го следи постапувањето на надлежните институции, но и за да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Единствен начин на кој Комората може да прибира податоци е доколку лекарите, по пријавувањето во полиција за инцидентот, ја информираат и Комората. Пријавете насилство врз лекари на официјална веб-страница на Лекарската комора: www.lkm.org.mk“, рече Демири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од неколку скопски општини

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска ( Вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· во период од 09.00 до 10.00 часот, корисниците од ул. 20 во С.Бразда ( општина Чучер Сандево )
· во период од 09.00 до 12.00 часот,корисниците од ул 10 и дел од ул.134. ( општина Сопиште )
· од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул.Иван Цанкар. ( општина Карпош)
· од 11.30 до 15.30 часот, дел од корисниците на ул.101 во село Волково( општина Ѓорче Петров )
· и од 12.00 до 15.00 часот, корисниците околу ресторан Теферич и дел од ул.Мариовска( општина Кисела Вода )
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за краткотраен дожд и грмежи

Времето денеска, сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Во среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните темпетаури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Филипче: Актуелната власт го заборави Делчево само затоа што градоначалникот е од друга партија

Претседателот на СДСМ Венко Филипче заедно со градоначалникот на Делчево Горан Трајковски денеска ги посети капиталните проекти во градот. Салата АСНОМ, прочистителната станица, новиот пазар и новата градинка со капацитет за околу 150 дечиња.
„Станува збор за капитални проекти коишто беа навистина потребни и коишто сериозно го олеснуваат животот на граѓаните во Делчево.
Филипче оценува дека овие проекти не се само инфраструктура, туку се вложување во подобар живот за сите граѓани, проекти кои го менуваат животот на граѓаните на подобро. За жал, денеска Делчево не само што нема капитални проекти туку истото е целосно заборавено а тоа најмногу се одразува на граѓаните и тоа само затоа што градоначалникот не е од истата партија.
„Еве сега гледаме што значи да се нема поддршка од влада. Од оваа актуелна влада практично Делчево е заборавено и целосно е маргинализирано. Жалам што прават таква политичка сегрегација врз основа на тоа кој градоначалник од која партија е, тоа граѓаните навистина не го заслужуваат“, потенцираше Филипче.