Македонија
Демири не кажа дали договорците од Токсикологија се стручни: „Тоа прашање требаше да го поставите лани“
Министерот за здравство, Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата.
Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави во 2023 година.
„Ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го прекратам договорот на тој? Ние имаме 1.390 здравствени работници кои работат по договор на дело, што би се случило кога би се прекинале таквите договори? Јас бев и менаџер на тетовската болница, сте слушнале дека сум прекратил некаков договор?“, рече министерот, додавајќи дека ќе се ангажира овие луѓе да бидат приоритет при вработување на конкурсот што веќе ќе почне по изборите, а средствата биле обезбедени.
Додаде дека го замолил директорот, Данил Петровски, пред изборите да ги продолжи договорите, но тој одбил. За разрешувањето на Петровски, Демири тврди дека тоа не било политичка кампања, а ако го разрешел пред изборите, како што рече, тогаш ќе било сфатено како политичка кампања. Петровски, според зборовите на Демири, е разрешен поради неправилности во работата.
За организациската директорка на Клиниката за токсикологија во Скопје, Бесија Иљази, министерот изјави дека таа ќе остане на својата позиција сѐ додека не го прекрши законот.
Пред речиси еден месец на прес-конференција доктори од Клиниката за токсикологија објавија дека економската директорка Бесија Илјази не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина, на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица што немаат соодветно образование. Вработените тврдат дека Илјази, спротивно на решението на ДСЗИ, кое изречно забранува присуство на невработени лица на Клиниката, ги поттикнува да доаѓаат на работа сите оние на кои им е истечен договорот.
Едното од овие лица со истечени договори, како што беше кажано тогаш, работело како болничар, а од лаборант на Клиниката барал урина во која имало наркотици да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази лекарите не знаат ништо, а со неа немаат комуникација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Савески со директорот на Финансиската полиција: борбата против финансискиот криминал и корупцијата во фокусот
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески на денешната средба со директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски разговараше за зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка во борбата против финансискиот криминал и корупцијата.
На средбата ги разгледаа можностите за унапредување на координацијата и размената на информации помеѓу Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, со цел поефикасно откривање и сузбивање на кривичните дела од областа на финансискиот криминал со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги.
Македонија
Прифатена парична гаранција од 55.000 евра: Стефан Богоев излезе од притвор
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на осомничениот С.Б. и ја прифати понудената гаранција, со што му е укината мерката притвор што претходно му беше определена, се истакнува во официјалното соопштение.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со предлог гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ЈА УВАЖИ жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот“.
Определената гаранција, како што се наведува во соопштеното, се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на РС Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката.
„Дополнително спрема обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од ЗКП односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство“.
Македонија
„Вреди“ до ДУИ: Зошто толкава грижа за српскиот јазик во Куманово, а за проблемите на Албанците секогаш имаше пречки и доцнења
Лицемерието во оваа држава има име и презиме. Тоа се вика ДУИ, велат од „Вреди“.
„Оние што најгласно зборуваат за албанството се токму тие што, кога ја имаа целата власт во свои раце, ги оставија Албанците во најлоша состојба, додека себеси се вдомија со функции, тендери и полни џебови.
Затоа, пред повторно да ни продаваат лажен патриотизам, добро е да го отвориме нивниот архив.
А кога ќе се отвори нивниот архив, излегуваат работи што јавноста треба да ги знае“.
Токму оваа партија, која денес од опозиција зборува за албанските права, на врвот на својата власт, на 4 мај 2010 година, овозможила, додаваат од „Вреди“ српскиот јазик да влезе во службена употреба во Општина Куманово, иако Србите, како што велат, сочинуваат околу 6,5 проценти од населението.
„Еве го документот.
Црно на бело. Ова е вистинското лице на ДУИ.
Значи, кога требало да се официјализира српскиот јазик во Куманово, имале желба, гласови и волја. Но кога требало да се решаваат проблемите на Албанците, секогаш имало одложувања и опструкции.
По овој документ, природно се поставуваат неколку прашања.
Зошто толкава грижа за српскиот јазик во Куманово, а за проблемите на Албанците секогаш имаше пречки и доцнења?
Зошто немаа истата волја за правосудниот испит на албански јазик и за правичната и соодветна застапеност“.
Повеќе од 20 години по ред, според „Вреди“, многу прашања на Албанците ги оставаа недовршени, со логиката „помини и продолжи“.
„Вреди“, потенцираат од оваа партија, не е против официјализирање на кој било јазик, но е против политичкото лицемерие.
„ДУИ зборува за Албанците кога е во опозиција. „Вреди“ работи за Албанците кога е на одговорност.
Тоа е разликата што ниту една нивна пропаганда не може да ја прикрие“.
