Македонија
Демократскиот сојуз самостојно ќе настапува на локалните избори

Централниот совет на Демократскиот сојуз вчера одржа седница на онлајн платформата Зум на која се расправаше за актуелните политички случувања, здравствената криза, пописот и за претстојните локални избори.
Централниот совет донесе одлука за самостоен настап на Демократскиот сојуз на локалните избори или во коалиција со сродни политички партии за што го овласти претседателот да води соодветни преговори. Истовремено, Централниот совет на ДС ја повикува Владата да ги обезбеди сите неопходни услови за фер и демократски изборен натпревар, вклучувајќи го и навременото обезбедување апарати и софтвер за земање отпечаток од прст (фингерпринт) при гласањето, што е и законска обврска.
На седницата, Централниот совет беше информиран за состојбите околу пандемијата и одржувањето на пописот, при што зазеде став да ги повика граѓаните во дијаспората и во Македонија да се попишат, а државата да ги обезбеди сите неопходни услови за здравствено безбедно одвивање на пописот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вакцинираните од следната недела ќе добиваат потврда која служи како ковид-пасош

Од следната недела ќе почне издавањето на потврдата за вакцинирање која се’ уште нема официјален статус на ковид-пасош, но ќе служи како документ за патување во оние земји кои тоа ќе го побараат.
Засега најави има од Грција, која на 14 мај ќе ја отвори границата за Македонци за кои ќе биде дозволен влезот доколку имаат потврда за примени вакцини или негативен ПЦР тест за Ковид-19.
„Нема форма на вакцинален пасош, има потврди кои се прифаќаат од земјите во регионот. Тие се спремни и од следната недела ќе се издаваат. Тоа се посебни потврди на кои има код кој ги дава податоците за вакцинацијата. Засега информациите се дека за влез во Грција освен таа потврда алтернатива е негативен ПЦР, но не сам по себе и позитивен наод на ИГГ антитела“, рече министерот Филипче.
Потврдите за примени вакцини ќе се издаваат и ретроактивно, на сите што ги примиле двете дози од вакцината за заштита од Ковид-19.
Тие, според досегашните најави, се неопходни за влез во Грција, а влезот во останатите земји од ЕУ за нашите граѓни е условен со негативен ПЦР тест.
Македонија
Сет мерки за сточарите за да се спречи ширењето на африканска чума кај свињите

Заради елиминирање на ризикот од појава и ширење на болеста африканска чума кај свињите во земјава, имајќи ја предвид состојбата со болеста во регионот каде е потврдено нејзиното присуство, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со сет на мерки кои треба да ги применуваат одгледувачите на свињи во држава за да се заштитат.
На сточарите кои одгледуваат свињи им се забранува одгледување и испаша на свињите на отворено. За непочитување на оваа мерка, свињите ќе бидат без надомест одземени од сточарите и хумано убиени и нештетно отстранети.
Решението забранува ставање во промет на свињи преку добиточните пазари и собирните центри.
Согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните сите одгледувачи на свињи имаат обврска да ги воспостават и одржуваат основните биосигурносни мерки на фармите. На одгледувалиштата од категоријата фарми со висок ризик им се забранува набавка и внесување свињи доколку ги немаат воспоставено основните биосигурносни мерки.
Со решението наложено е задолжително пријавување на сомнеж на болест или угинување на свињи до најблиското ветеринарно друштво или официјален ветеринар на АХВ. Сточарите треба ажурно да го водат Регистарот на одгледувалиште и во него да ги евидентираат сите активности на фармите.
Фармерите имаат обврска да водат евиденција за движењето на животните кои мора да се идентификувани, со валиден сертификат за здравствената состојба и документ за синџир на исхрана доколку се транспортираат до кланица за колење. Да се води сметка животните да не доаѓаат во контакт со други животни кои имаат непознат здравствен статус. Од одгледувачите кои нема да ги исполнат условите за движење на животните од решението, свињите ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети на товар на сопственикот, доколку се затекнат во промет.
Свежото месо, подготовките, производите од месо и нус производите од дивите животни приемчиви на болеста, согласно донесеното решение на АХВ, не смее да дојдат во контакт со животните на фармите, бидејќи преку нив може да дојде до пренесување на болеста.
Ловџиите или лицата кои имале контакт со диви приемчиви на болеста животни, не смее да имаат со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.
Болеста африканска свинска чума се пренесува и шири со директен контакт од болно на здраво животно, индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека и биолошки преку вектор – мек крлеж од родот Ornithodoros.
Македонија
Кривична пријава за инспекторот кој примил поткуп од 200 евра

Кривична пријава доби инспекторот на Државниот инспекторат за животна средина кој примил поткуп.
Според информациите, тој вчера беше приведен бидејќи примил 200 евра од сопственик на автоплац во Кичево, што не работел во согласност со прописите.
Станува збор за 51-годишен инспектор од Тетово, со иницијали А.Р.. Покрај него, поднесена е уште една кривична пријава против С.А.(40) од тетовското село Фалише поради помагање.
„Инспекторот вршејќи службена должност во Кичево, од сопственик на фирма во Кичево, побарал и добил 200 евра, со цел да му изготви записник за инспекциски надзор во фирмата во кој ќе констатира дека нема неправилности во нејзиното работење. Второпријавениот, во просториите на неговата фирма со седиште во Кичево, му овозможил на А.Р. да ги земе парите од поткупот по што ги скрил во својата канцеларија“, соопшти полицијата.
Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека апсењето е доказ за решеноста да се пресметаат со корупцијата и да ја вратат довербата во институциите.
Од ДИЖС очекуваат надлежните органи детално да го истражат случајот со цел негово решавање во согласност со законот.
„Нема да дозволиме злоупотреби на службената положба. Одлучни сме да застанеме на патот на корупцијата која е составен дел на криминалот во животната средина“, се вели во соопштението.
Од Државниот инспекторат за животна средина посочуваат и дека го осудуваат секој обид на инспекторите да остварат материјална корист од прикривање законски прекршувања на загадувачите.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион1 недела
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?