Македонија
Демократски сојуз: Граѓаните гласаа за европска Македонија, изборите беа фер и демократски

Демократскиот сојуз оценува дека вчерашните предвремени парламентарни избори беа фер и демократски, без насилства, со висока излезност во специфични здравствени услови, при што граѓаните можеа слободно да ја искажат својата определба и гласаа мирно и достоинствено, определувајќи се за Европска Македонија.
„ Демократскиот сојуз ја известува јавноста дека во следниот собраниски мандат ќе биде парламентарна партија и ќе даде придонес со сопствени оригинални идеи и законски решенија за решавање на суштинските проблеми на граѓаните. Очекуваме со нашите партнери од коалицијата ‘Можеме’ што побрзо да се состави стабилна влада, без развлекувања и уцени, во која ќе учествуваме со својата програма и со квалитетни кадри и која веднаш ќе се зафати со здравствените и економските предизвици.
Демократскиот сојуз смета дека приоритети на следната влада се надминување на здравствената криза со помош на нашите партнери од ЕУ и НАТО, енергична борба против организираниот криминал и корупцијата, воспоставување правда и правичност, како и усвојување сериозна антикризна економска програма за заживување на македонската економија и подигање на животниот стандард на граѓаните. Очекуваме преговорите за членство во Европската Унија кои треба да почнат до крајот на оваа година, да го забрзаат процесот на европеизација на Македонија и да придонесат за повеќе правда и демократија и подобар и поквалитетен живот.
Демократскиот сојуз исто така очекува во првите три месеци од новиот мандат Собранието да донесе измени на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи заради поправично и подемократско одразување на волјата на граѓаните и разбивање на двопартискиот монопол.
Демократскиот сојуз инсистира да се расчисти со паѓањето на веб-страницата на Државната изборна комисија, како и со евентуалните намерни грешки во обработката и презентацијата на изборните резултати и против одговорните да се преземат соодветни законски мерки“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Центар денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф- 100мм на ул.Пандил Шишков 9, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица на високата зона од број 1 до бр.49 и дел од корисниците на ул.Вангел Тодоровски, Руди Чаевац, и Коста Новаковиќ, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до санирање на дефектот, општина Аеродром;
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф-400мм на ул.Мирче Ацев, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бул.Кочо Рацин, Славко Јаневски (по старо Стив Наумов), Тетовска, Славе Георгиевски Шнајдерот и дел од Бул.Крушевска Република, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот, општина Центар.
Македонија
Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност

Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во сабота во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси во форма на невреме. Локален дожд ќе има и во понеделник претпладне, а потоа ќе настапи стабилизирање на времето.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.