Македонија
Демократски сојуз: Евроинтеграциите ги блокираа ДУИ и СДСМ
Телевизиската дебата помеѓу Мицкоски и Ковачевски, само го потврди кристално чистиот став на Демократскиот сојуз, дека евроинтегративниот процес е блокиран од ДУИ и СДСМ и одговорност за тоа мора да понесат, велат од партијата на Павле Трајанов.
СДСМ, како што додаваат, го прифати „Францускиот предлог“ подготвен во Мала Речица од страна на претставници на ДУИ и Бугарија.
„Тој предлог беше трансформиран во Преговарачка рамка, во која се вградени сите барања на Бугарија. Во Рамката не е предвидено македонскиот јазик да биде официјален во ЕУ по приемот на Македонија во Унијата, во Рамката се вградени и историски, образовни и идентитетски прашања, што е спротивно на Копенхашките критериуми, предвидена е и имплементација на Договорот за добрососедски односи помеѓу Бугарија и Македонија, како и протоколите со кои Бугарија наметнува решенија со кои се негира нашата историја, јазик и идентитетскиот континуитет.
Ковачевски и Ахмети не се обидоа да обезбедат поширок граѓански и политички консензус и не водеа сметка за нашите национални, стратешки и граѓански интереси. Демократскиот сојуз е цврсто определен за ЕУ, но и за коренити реформи во многу области, како и за Влада растеретена од корупција и клиентелизам, Влада која ќе воспостави ред во државата и ќе отвори перспективи за младите“, се додава во информацијата од демократскиот сојуз.
Оценуваат дека дебатата беше на ниво и добра можност граѓаните да ги видат разликите и да поддржат промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.