Македонија
ДЗС не е детективска служба да открива нелегални објекти, ги има околу 100.000, рече Шабан Салиу и тврди дека немал ништо со „Пулс“
Актуелниот министер без ресор, Шабан Салиу, обвинет за трагедијата во кочански „Пулс“ како директор на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2008-2017 година, заедно со двајцата негови бранител денес нешто повеќе од еден час даваше воведни зборови во судницата во Идризово. По неговите адвокати Димитар Дангов и Шенај Осмав, Салиу ја искористи можноста да ги дополни воведните зборови и кажа дека обвинението против него се темели на претпоставки место на докази оти во деветте години додека бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување до него не стигнал никаков документ за мислење или согласност ниту пак претставка од кого било поврзана со безбедноста на „Пулс“. Обвинението смета дека е поднесено под притисок на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи.
„Во текот на постапката ќе докажеме дека обвинението против мене не е основано. Обвинението е изградено врз претпоставки ’можел да знае’ , ’ требало да знае’, ’можеби имал обврска’ и слично“, рече Салиу.
Најави дека во текот на постапката ќе докажат колизија на која се заснова обвинението во врска со директорите на ДЗС кои се обвинети, а нема обвинет директор на Државниот пазарен инспекторат, институција која според Салиу има директни надлежности поврзани со дискотеката.
„Републичкиот јавен обвинител направи преседан кога на прес-конференција се произнесе дека нема одговорност за директорот на Државниот пазарен инспекторат употребувајќи го член 11 од Законот за инспекциски надзор, дека одговорност имаат само инспекторите. Според оваа теза, што ја сметам за правилна, зошто по аналогија, автоматизам, не важи и за директорите на ДЗС“, рече Салиу.
За делот од обвинението во кој се вели дека „директорите на ДЗС иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување“ Салиу ја спомена Баба Ванѓа .
„Бог да чува. Значи обвинет сум за евентуална умисла дека јас уште во 2012 година па се до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март 2025 година. Ова за волја на вистината не може ни Баба Ванѓа да станела од гроб да го предвиди, а камо ли јас како обичен човек.“, рече Салиу.
Тој воведниот говор го искористи да коментира и за вчерашната собраниска анкетна комисија за трагедијата во Кочани и да се брани дека на судење не доаѓа со службен автомобил.
„Почитуван суде, останува на вас да веруваме во објективно судење и неселективна правда. Судење не под притисок на политиката и јавноста, порталите и медиумите. Пример за тоа е вчерашната седница на анкетната комисија каде го злоупотребуваа и моето име и мојот статус бидејќи јас наводно доаѓам тука со службена кола и доаѓам на овие рочишта што не е вистина. Тоа го зборува некоја Петрушова и некој пратеник Апасиев. Срамота е во една ваква постапка мене да ме обвинуваат уште неосуден. Тоа може да се види и од камерите дека не е вистина“, се бранеше Салиу.
Неведе уште една изјава на републичкиот обвинител која смета дека содржи правен основ врз кој тој може да биде ослободен, а се однесува на потврдата дека за постоењето и работењето на „Пулс“ ДЗС никогаш не била известена.
„ДЗС не е детективска служба да открива, пронаоѓа нелегални објекти, дивоградби, нерегистрирани согласно законите кои можеби низ селата и градовите на нашата држава ги има во поголем број, а надлежноста е на други органи и институции. Отприлика, според некои мои информации ги има околу 100.000 во нашата држава. Ќе докажам дека системската одговорност не може да се префрли на еден човек“, рече Салиу и по кој знае кој пат повтори дека Дирекцијата не знаела за објектот, тој не знаел за објектот и затоа не може да има вина за пожарот.
Сали побара и тој и сите директори на ДЗС да видат ослободени оти во идентични ситуации други директори на други институции не се гонат.
На крај од обраќањето кажа дека целиот живот го посветил на државата, на институциите, не бил казнуван со исклучок на една казна за брзо возење, немал кривична мерка и секогаш работел чесно.
„Да бидам обвинет за нешто што не сум можел да го знам, ниту спречам е болка која тешко се носи но верувам дека судот ќе одлучи правично врз основа на факти и докази и закон“, рече Салиу.
Обвинението уште еднаш го нарече несериозно, неодговорно и незаконско и политички мотивирано со цел да биде незаконски осуден и на него и на неговото семејство да им се причини огромна штета.
Судењето продолжи со одбраната на Аднан Џафероски, директор на ДЗС во периодот од 2017 до 2020 година, а неговата бранителка Сузано Јошевска-Анастасовска кажа дека обвинението за Џаероски е „промашена адреса за кривична одгворност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

