Македонија
Димитров: Западен Балкан е регион каде што ЕУ може да направи разлика во геополитичка смисла

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, учествуваше на конференцијата за „Европската безбедносна соработка со источното соседство и Западен Балкан“.
Конференцијата беше можност за размена на ставови во однос на геополитичкото дејствување на Европската Унија, со осврт на соработката со земјите од Западен Балкан во однос на прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста на Европа, велат од кабинетот на Димитров.
Вицепремиерот Димитров се осврна на геополитичките и економските фактори кои налагаат блиска соработка на ЕУ и Западен Балкан, подвлекувајќи го значењето на единствено и координирано справување со споделените предизвици, што беше евидентно во случајот со мигрантската криза, а особено во однос на ковид-кризата.
Во контекст на безбедносната димензија на процесот на проширување, Димитров укажал на стратешката важност на интеграција на Западниот Балкан и потребата ЕУ да им пристапи како на активни субјекти на европската геополитика.
„Западниот Балкан е најсоодветниот регион каде што ЕУ може да направи разлика во геополитичка смисла“, заклучи Димитров.
На панелот посветен на безбедносната соработка со Западен Балкан се обратија и директорот за континентална Европа при Министерството за надворешни работи на Франција, Фредерик Мондолони, директорката за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА државите при Германското сојузно министерство за надворешни работи, Сузане Шуц кои позитивно го оценија европското досие на Северна Македонија, гласно потенцирајќи ја поддршката за нејзин пробив.
Германската амбасадорка Шуц истакна дека Германија жали за пропуштената шанса во декември минатата година да се одржи меѓувладина конференција, но истовремено ќе остане силно посветена за нејзино што поскоро реализирање, во рамките на триото со португалското претседателство и Словенија.
Францускиот амбасадор Мондолони рече дека Франција се залага за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишани договори за 40 научно – истражувачки проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ

Министерството за образование и наука потпиша договори за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти со државни факултети, научни институти и МАНУ.
Од нив, 15 проекти се од природно-математичките науки, инженерството и технологијата, медицинските и здравствените науки како и од земјоделските и ветеринарните науки.
Исто толку проекти се од општествените и хуманистичките науки.
За прв пат оваа година, се финансираат 10 проекти од областите кои со Стратегијата за паметна специјализација се утврдени дека имаат висок иновациски, истражувачки и економски потенцијал: паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност, ИКТ технологиите, електромашинската индустрија и одржливите материјали и паметни згради.
Проектите беа одбрани на јавен конкурс, вкупниот износ за финансирање по проект изнесува до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година.
Министерската за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, што јасно ја покажува насоката кон која сакаме да ја придвижиме државата.
„За оваа Влада науката е стратешки ресурс за развој. Затоа ги интензивираме вложувањата во научно-истражувачки проекти, врз основа на прецизни критериуми за селекција: поттикнуваме оригинални и иновативни идеи, поддржуваме млади истражувачи и меѓународно конкурентни и релевантни проекти. Наша цел е да создадеме услови за квалитетна наука која носи реални резултати и има потенцијал да го забрза општествено-економскиот развој на државата“, нагласи Јаневска.
Претходно, Министерството за образование и наука одобри и средства за пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамки на паметната специјализација на државата, во вкупен износ од 30,4 милиони денари.
Минатата недела беа склучени договори со осум јавни научни установи за финансирање на научно-истражувачки проекти, во вкупен износ од 23,7 милиони денари.
Оваа година Министерството за образование и наука издвои буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.
Македонија
Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“ што се одигра на градскиот стадион во Скопје, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода.
Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Од Обвинителството најавија дека тие и МВР продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.
Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.