Македонија
Димитров и Османи во Брисел на средба со Борел
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел се сретнаа со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Во фокус на разговорот беше иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сè во контекст на случувањата по усвојувањето на новата методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион.

Димитров и Османи го поздравија активниот ангажман на високиот претставник на ЕУ, Борел, за поддршка на европската перспектива на регионот, како и за покренатите иницијативи за обезбедување мир, стабилност и просперитет во земјите од Западниот Балкан. Во таа смисла, тие изразија особена благодарност за неговиот придонес кон усвојувањето на одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија од страна на Советот на ЕУ и потоа потврдена од Европскиот совет во март минатата година.
На средбата беше подвлечен фактот дека Северна Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите – целосно интегрирање на Западниот Балкан за конечно комплетирање на Унијата.
Димитров и Османи нагласија дека Владата продолжува со реформите со цел да се задржи фокусот на реформските процеси како би се задржало позитивното досие за Северна Македонија.
Во однос на глобалните предизвици беше потенцирано дека земјите од Западниот Балкан покрај пандемијата, споделуваат заеднички предизвици со ЕУ и за миграцијата, борбата против организираниот криминал и тероризмот, борбата против дезинформации и хибридни закани, климатските промени, дигитализацијата и сл. Соговорниците се согласија дека успехот на европскиот проект зависи токму од солидарноста и сојузништвото, кои ќе значат потврда за споделените перспективи.
Од страна на ВП Борел беше поздравено високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Средбата на Димитров и Османи со Борел доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и во таа насока соговорниците се согласија дека започнувањето на преговорите со Северна Македонија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

