Македонија
Димитров: Ковачевски нема знаење во надворешната политика, не сум сигурен дека ја следел работата

Без да одговори на кого му пречел во Владата, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, им посочи на новинарите за тоа го прашаат идниот премиер, а можеби и стариот премиер.
Според него, тој не е дел од новата Влада поради разликите во позициите во преговорите со Бугарија и принципиелноста за определени прашања.
Димитров посочи дека мандатарот и иден премиер, Димитар Ковачевски, не може да ја оцени неговата работа, бидејќи нема знаење во надворешната политика.
„Мене идниот премиер никогаш не ми бил шеф. И не сум сигурен дека бил во позиција да ја следи мојата работа и да биде во тек со сите напори кои ги имам направено во изминатиот период. Тој нема искуство и знаење во делот на надворешната политика. Наш општ шеф е народот и тој ја дава својата оценка на избори. Јас бев еднаш на избори како носител на листа и победив. Ќе има други избори, можеби ќе бидам дел од нив и таа оценка ќе ја чекам. Меѓутоа, би рекол, непристојно е да се зборува за резултати од мојата работа во последниве четири години и седум месеци, кога сите знаеме дека најголемите успеси беа во областа на надворешната политика. Јас и во поголемиот дел од тие четири години и седум месеци како министер за надворешни работи и како вицепремиер за европски прашања од 1 година и четири месеци вклучен во европската дипломатија, го имав главниот збор токму во оваа област“, додаде Димитров.
Тој не кажа какво мислење има за наследниот на неговата функција: „На Бојан Маричиќ му посакувам успех и ќе го следам особено во овој дел што го споменав, ќе биде важно да се држи правецот, да се држат позициите, бидејќи без достоинствено решение овој проблем не може да се реши“.
Претходно, Ковачевски од Собранието посочи дека во Владата останале само тие кои имале капацитет, ги подигнале стандардите, имаат остварено инвестиции, ги исполниле обврските. Меѓу функционерите не е Димитров. Тој посочи дека имал понуда да биде амбасадор, но одбил бидејќи одбрал да биде гласен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.