Македонија
Димитров: Со четири амандмани ќе се менува Уставот, сè уште не се напишани, ниту преговарани

Уставите андамани не се напишани, ниту преговарани, нив ќе ги дефинира Собранието со двотретинско мнозинство, порача министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по многуте прозивки од опозицијата Владата прецизно да ги информира граѓаните за уставните измени пред одржување на референдумот.
„Со четири амандмани ќе се интервенира во Уставот. Едниот се однесува на географската одредница Северна, која ќе се додаде кон името Македонија. Вториот се однесува на границите и се однесува тие да не се чепкаат и се гарантира неменливост на границите и немање територијални претензии. Третиот амандман се однесува за грижата за македонското малцинство во соседните земји, ќе се прошири на грижа за целата дијаспора во светот. Со четвртиот амандман ќе се интервенира во преамбулата. Нема да се менува државно-правниот наратив од Илинденското востание и заседанието на АСНОМ до референдумот за независност од 8 септември 1991 година, туку ќе се наведат одделно сите одлуки на АСНОМ“, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на денешната прес-конференција.
Димитров уверува дека процесот ќе заврши до крајот на годинава и ќе се обезбеди двотретинското мнозинство во парламентот и покрај јавните објави на дел од опозициските пратеници дека нема да гласаат за уставни измени.
„Колку повеќе луѓе ќе речат – да, сакаме да одиме напред, сакаме да влеземе во НАТО, тоа ќе ни донесе стабилност, ќе ја завери нашата државност, ќе создаде подобри услови за успешна Македонија, толку полесен ќе биде политичкиот процес во Собранието, каде што ќе треба да се формира мнозинство од 80 пратеници. Ние ќе се обидеме тој процес, со такво мнозинство, да заврши до крајот на оваа календарска година. Ќе работиме со таква цел. Целиот процес во делот на овие 4 уставни амандмани да заврши во согласност со декември оваа година“ изјави шефот на дипломатијата.
Во однос на ставот на претседателот Иванов дека нема да гласа на референдумот, Димитров го критикува коментирајќи дека тоа е срамно бегство од одговорност.
„Јас имам, пред сè, како граѓанин, голем проблем со тоа бидејќи само тие што ќе гласаат, ќе учествуваат во одлуката за нашата иднина. Не можете да седите дома, а да влијаете врз одлуката. Ако има еден глас повеќе ‘не’, ‘против’, јас сум против членството во НАТО и ЕУ прифаќајќи го договорот со Грција, ние ќе се поклониме и ќе кажеме – оваа работа не поминува. Меѓутоа, само тие што гласаат може да влијаат врз таа одлука. Ако големо мнозинство од граѓаните кажат ‘да’, дури и да нема цензус, тоа ќе биде земено предвид, меѓутоа ситуацијата ќе се врати во Собранието на Република Македонија. Затоа, да не се учествува со свој глас во ваква крупна одлука е бегство од одговорност“, рече Димитров.
Министерот потенцира и повтрои делови од договорот со Грција почнувајќи од членот 1, кој се однесува на географската одредница – дека се додава Северна кон името Македонија, како и за терминот државјанство, што е дефиниција за правната врска меѓу граѓанинот и државата, ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Димиторв повтори и дека јазикот ќе биде македонски, а кодовите остануваат МКД и МК, со исклучок на регистарските таблички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.