Македонија
Директорите на училиштата до 10 септември треба да достават барања за настава со физичко присуство
Министерката за образование Мила Царовска на денешната прес-конференција информираше дека на владина седница е усвоен планот за започнување на учебната 2020/2021 година, под посебни услови и протоколи. Таа ги повика општините и директорите на училиштата до 10 септември да поднесат барања во кои ќе ги образложат условите во нивните училишта за изведување настава со физичко присуство.
„Овој план ги обезбедува сите чекори за намалување на ризиците од ширење на вирусот Ковид-19. Затоа ги ги повикувам општините и училиштата да ги информираат родителите и учениците за своите капацитети и да поднесат барање до владината комисија за започнување на наставата со физичко присуство. Нудиме комбиниран план за настава на далечина и со физичко присуство, а за успешно реализирање се работи на онлајн платформа која ќе ја презентираме наскоро. Секаде каде што просторните услови дозволуваат ќе има настава со физичко присуство, а владата за таа цел формираше комисија која ќе ја следи состојбата во училиштата“, рече Царовска.
Таа информираше дека најважно е децата од прво до трето одделение да ја следат наставата и ги повика нивните родители и старатели да се изјаснат писмено, а училиштата за таа цел да ги искористат сите капацитети што им стојат на располагање за да може поголем број ученици да следат настава со професор.
„Од прво до трето е важно да ја следат внаставата во училиштата со сите заштитни мерки, но и во согласност со родителите и старателите. Оние деца кои ќе следат настава на далечина, односно нема да го пуштат детето во училиште, треба да потпишат писмена изјава. Во рамките на одреден наставен предмет, професорите кои држат настава физички треба да ги вклучат и оние кои следат од компјутер, потоа да го снимат реализираниот наставен час и да го испратат на учениците кои не следеле. Исто така, професорот е должен да одржи посебен час само за учениците кои следат настава на далечина“, рече Царовска.
„Во училница е дозволено да има до 20 ученици, распоредени на 1,5 метар растојание, со задолжителна дезинфекција на раце и носење заштитни маски. Часот ќе трае 30 минути. Во средните училшта, часот ќе трае 35 минути, 5 минути одмор ќе има по секој час, а големиот одмор ќе биде 15 минути по третиот час. Наставниците се должни да држат настава со физичко присуство, со исклучок само оние кои имаат ретки или хронични болести, кои ќе треба да упатат барање до директорот да држат настава онлајн. Учениците кои не можат да следат настава со физичко присуство ќе имаат пристап до печатени материјали, кои ќе им се доставуваат на родителите и учениците во строго контролирани услови и протоколи“, додаде министерката.
Владиниот план, според Царовска, овозможува инклузивно образование и физичко присуство и за ученици со попреченост на кои ќе им се обезбеди присуство со дефектолог, педагог, но родителите ќе треба да дадат согласнот дали ќе одат во училиште или ќе учат онлајн. Децата со ретки и хронични болести ќе следат настава исклучиво од дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).
Македонија
Ученици и наставници од Скопје и Таранто во посета на Собранието
Ученици и наставници од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје и „Principessa Maria Pia“ од Таранто, Италија, денеска го посетија Собранието на Република Северна Македонија, каде што остварија средба со пратенички од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.
Средбата се реализираше во рамките на соработката меѓу двете училишта преку Еразмус+ програмата, како дел од заедничкиот проект „Родовата рамноправност и улогата на жената во општеството во различни култури“.
Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст.
Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова.
Пратеничката Стојкова-Серафимовска зборуваше за значењето на соработката меѓу жени со различна културна и етничка позадина во мултиетнички општества, какво што е и нашето. Таа нагласи дека меѓусебното разбирање и поддршка се клучни за создавање инклузивна и праведна заедница.
Пратеничката Зајкова се осврна на застапеноста на жените во политиката, предизвиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот, како и на прашањата поврзани со фемицидот и потребата од континуирана институционална поддршка за родовата еднаквост.
Учениците поставуваа прашања и отворија плодна дискусија за улогата на жените во современите демократии. Пратеничките споделија лични искуства и примери од својата работа, охрабрувајќи ги младите да бидат активни граѓани и поддржувачи на еднаквите можности.
Посетата заврши со организирана обиколка на зградата на Собранието, при што гостите се запознаа со историјата и функционирањето на највисокиот претставнички дом.
„Оваа средба претставува уште еден пример за важноста на образовната соработка и младинската размена во промовирањето на демократските вредности, меѓу културниот дијалог и родовата еднаквост“, велат од Собранието.

