Македонија
Дневницата на странските експерти на Кардиохирургија не е 700 евра, како што вели Демири, туку не повеќе од 150 до 200 евра, уверува Шокаровски
Странските експерти ангажирани за помош и надгледување на работата на Клиниката за кардиохирургија државата не ги плаќа 700 евра дневно, како што во понеделникот рече министерот за здравство, Илир Демири, туку не повеќе од 200 евра. Разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски, вели дека нема вистина ниту во сомнежот на министерот дека странските експерти немаат лиценци за работа.
„Таа програма е во склоп на Владата. Јас немам конкретни информации за колкави дневници се работи, но не се повеќе од 150 до 200 евра. Ние сме во секојдневни контакти не само со колеги од Србија туку и од Хрватска. Сите оние што доаѓаат кај нас апсолутно имаат лиценци, тоа е лесно проверливо во Лекарската комора“, рече разрешениот директор Шокаровски.
Во понеделникот министерот за здравство го разреши Шокаровски од функцијата директор во пакет со Александра Ефтимова, која раководи со проектот за превенција на кардиоваскуларни заболувања, како и целата комисија, оти не му дале извештај на кои странски експерти и за што им се плаќани дневници од 700 евра за учество во работата на клиниката. Министерот Демири рече дека не треба да се дозволи да има зголемена смртност во услови кога клиниката плаќа толку многу експерти.
Сите податоци што во понеделникот ги изнесе министерот, Шокаровски, заедно го многумина вработени на клиниката, денес ги демантира. Ја организирале прес-конференцијата денес оти до вчера Шокаровски бил на боледување.
„Јас вчера бев на боледување. Имам лумбоишијалгија, денес сум овде под терапија. И ние докторите имаме право некогаш да се разболиме и да не ни биде добро“, рече Шокаровски.
За него и за многумина од вработените на клиниката, обвинувањата за зголемена смртност не се точни оти не само што смртноста не е зголемена туку бележи и тренд на намалување во последните месеци. Разрешувањата ги сметаат за незаконски оти ги направил министер во техничка Влада, без мандат за разрешувања. Обвинувањето за фантомски 170 пациенти за кои нема умреници ниту, пак, отпусни писма, според разрешениот директор и многумина вработени, се реални пациенти, уредно внесени во нивниот интерен систем, со уредна документација, но поради техничка грешка, која се провлекува со години на клиниката, некои не се внесени во системот „Мој термин“, кој не го сметаат за задолжителен.
Шокаровски и вработените сметаат дека обвинувањата се обид за оркестриран напад и хајка против клиниката, во кои учествува и министерот, а имаат цел да ја уништат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
