Македонија
Доградба и надградба на објектот „Изворче“ во Стар Аеродром, се проширува капацитетот за згрижување за плус 170 деца

Општина Аеродром ги стартува градежните работи за доградба и надградба на постојниот објект „Изворче“ во Стар Аеродром што е во рамките на детската градинка „Срничка“, а е изграден во 70-тите години на минатиот век.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески и претседателот на Советот, Антонио Петковски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска извршија увид во градежните активности.
Станува збор за капитален проект што предвидува изградба на приземје плус еден кат, со вкупно нето-површина од околу 1600 м2. Вредноста на проектот е речиси 120 милиони денари, заеднички финансиран со средства на Владата и Општина Аеродром и рок на изградба од 12 месеци.
Доградениот дел ќе биде комплетен објект со сите неопходни содржини за згрижување на плус 170 деца од 0 до 6-годишна возраст, а во моментов во овој објект се запишани околу 280 дечиња.
Доградбата ќе опфати 12 занимални, санитарни јазли, простории за прием на деца, просториии за воспитувачи, гардероби и санитарии за вработени, лекар, дистрибутивна кујна, лифт за транспорт на храна, тријажа, просторија за изолација и млечна кујна.
В. д. градоначалникот Митески истакна дека овој проект е од исклучително значење за жителите на овој дел од Аеродром, кој е населен со млади семејства со мали деца и се очекува листите за прием во градинките да се намалат во значителна мера.
Митески истовремено посочи дека Општина Аеродром останува посветено да работи на подобрување на условите во кои се згрижуваат нашите најмали жители, а со тоа се создаваат и современи услови за работа на воспитно-наставниот кадар со цел да можат вработените непречено да ги извршуваат своите задачи и на најдобар може начин да се грижат за нашите најмили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите на жртвите од „Пулс“: Привремено се прекинуваат блокадите, маршевите продолжуваат секоја сабота

Семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани информираа дека по добивањето на датумот за почеток на судскиот процес, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината.
Претходно беше соопштено дека главната расправа за предметот е закажана за 19 ноември 2025 година.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество,“ се наведува во соопштението.
Родителите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија,“ додаваат тие.
Во изјавата се упатува и повик до јавноста, медиумите и институциите да го следат процесот со должно внимание, бидејќи, како што се наведува, „ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.“
Македонија
Царина и Централен регистар договорија е-размена на податоци за царински долг – хартиените потврди наскоро заминуваат во историјата

Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди кои се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато.
Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, денеска официјално го потпишаа Договорот за соработка и размена на документи во електронска форма.
„Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите кои ги преземаме во таа насока. Годишно досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку дена. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на следниот месец, потврдите за царински долг Централниот регистар ќе ги добива автоматски, преку системот за интероперабилност – со само еден клик од Царинската управа “, вели директорот Бобан Николовски.
Николовски додава дека ова претставува уште еден важен чекор кон создавање подобра деловна клима и современи услови за водење бизнис.
Директорката на Централниот регистар, Стамнова, вели дека со овој начин на поврзување преку интероперабилност ќе се олеснат бизнис процедурите, а ќе се зголеми ефикасноста при обезбедување на неопходните документи при уписите на правните субјекти.
Македонија
Граѓанските организации алармираат: кога се штеди на превенција, последиците ги чувствуваат жените и ранливите групи

Граѓанските организации и институциите од здравствениот сектор отворија јавен дијалог за унапредување на пристапот до квалитетни превентивни здравствени услуги за жените, девојките и ранливите групи, на тематскиот форум „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“ одржан на 15.10.2025 година.
Главните заклучоци од дискусијата се дека неопходно е вклучување на граѓаните и граѓанските организации во планирањето и спроведувањето на превентивните програми, препознавање на граѓанските организации како даватели на превентивни здравствени услуги, потребно е зголемување на буџетите за превенција, како и зајакнување на свеста на граѓаните за нивното право на превентивна здравствена заштита.
На форумската дискусија граѓани и претставници на граѓански организации споделија лични сведоштва за пристапот до програмата за скрининг на рак на грлото на матката и до гинеколошки услуги во руралните средини, предизвиците на младите во сексуалното и репродуктивното здравје, искуства со Програмата за здравствена заштита на мајките и децата, како и состојбите со превенцијата од ХИВ. Форумот обезбеди двонасочна дискусија, на која учествуваа и претставници на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и СРЗ.
Настанот се одржа како дел од проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“, во чии рамки, во изминатиот период се изврши мониторинг анализа на четири програми за превентивна здравствена заштита.
КЛУЧНИ НАОДИ ОД АНАЛИЗИТЕ
Превенција од ХИВ – Во споредба со 2021 година, буџетот за превенција е намален за околу 70%, што резултира со 50% помал опфат. Здруженијата откриваат еден ХИВ случај на 150 теста, додека здравствените установи еден случај на 1150 теста, што укажува дека за рано откривање критични се заедниците и граѓанските организации.
Скрининг на рак на грлото на матката – Во 2023 година со скрининг биле опфатени само 10% од жените од целната возрасна група,што е далеку под потребните минумум 25% годишно. Недостигот од матични гинеколози е трајна бариера, особено во руралните средини.
Програма за мајки и деца – Укинати се клучни скрининзи (прееклампсија во бременост, слух кај новороденчиња),намалени се средствата за медикаментозен абортус, а услугите за најранливите се недоволно искористени (само 27 жени добиле бесплатна контрацепција и само еден бесплатен преглед за жртва на сексуално насилство во 2024 година).
Програма за партиципација (за бремените жени, родилки и доенчиња) –Дури 92% од Ромките не знаат дека имаат право на бесплатни прегледи за време на бременоста, а 80% платиле за услуги што им следуваат бесплатно. Министерството за здравство покрило партиципација за само 2.850 пораѓања од 16.061 живородени деца во 2024 година, оставајќи 82% непокриени од страна на државата.
Проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“ партнерски го спроведуваат Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Консолидиран сет на препораки ќе биде финализиран и споделен со Министерството за здравство, надлежните институции и јавноста. Овој процес произлегува директно од барањето и учеството на граѓанските организации на форумот „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“.
Мислењата кои се изразени во ова соопштение не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.