Македонија
Државата да им обезбеди образование на децата во Воспитно-поправниот дом Тетово, наложи судот
Судот ѝ наложи на државата да им обезбеди образование на децата во Воспитно-поправниот дом Тетово, повеќето од нив Роми, од почетокот на учебната 2021/2022 година.
Основниот суд Скопје 2 во Скопје донесе првостепена пресуда дека ускратеното право на образование на овие деца претставува индиректна дискриминација врз нив и врз основа на нивната етничка припадност и врз основа на нивниот статус како малолетни престапници.
Случајот беше покренат од страна на Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), а пресудата не е правосилна и против неа може да се изрази жалба.
„Ова е првиот позитивен чекор кон обезбедување правда за овие деца. По претходната тужба за овој случај, судот го одби тужбеното барање со објаснување дека не може да постои дискриминација бидејќи на ниедно од децата не им се нуди формално образование. Ние сметавме дека ваквиот аргумент е апсурден и покажува недоволно разбирање на концептот за индиректна судска одлука во корист на ромски и неромски малолетни престапници заради ускратено право на образование во Северна Македонија е дискриминација, па затоа во март минатата година поднесовме нова тужба во име на сите деца од оваа воспитно-поправна институција – ромски и неромски“, изјави менаџерката за правни работи при ЕЦПР, Сенада Сали.
ЕЦПР поднесе тужба против Управата за извршување санкции (во рамките на Министерството за правда), Министерството за образование и Воспитно-поправниот дом Тетово, кој моментално е лоциран во рамките на затворот во Охрид. Тужбата e една од првите од ваков вид (тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес) поднесени врз основа на новоусвоениот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој неодамна беше повторно усвоен и вратен во сила откако претходно беше укинат од страна на Уставниот суд. Во неа се аргументира дека децата сместени во воспитно-поправниот дом се индиректно дискриминирани во споредба со децата надвор од таа институција кои имаат слободен пристап до основно и средно образование. Бидејќи ромските деца се диспропорционално застапени меѓу штитениците на оваа институција, се смета дека тие подлежат на натамошна индиректна дискриминација врз основа на нивната етничка припадност.
Судот им наложи на надлежните органи и да ги надоместат трошоците за водењето на постапката во износ од околу 1.130 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.
Македонија
Куновска по оставките во СДСМ:„Сите дома, тој останува“
Поранешната пратеничка и функционерка во СДСМ, Софија Куновска, на „Фејсбук“ објави критички статус откако вчера, на барање на партискиот лидер Венко Филипче, оставка поднесоа сите членови на раководството на СДСМ – освен самиот Филипче.
Во статусот, Куновска поставува низа прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под негово водство и дали, како што пишува, самостојно ја водел кадровската политика во партијата, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа понатаму прашува дали Филипче ги обликувал сите политики, изборот на тим и фирма за кампања, како и дали, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, пишувал резолуции и се нудел за широка коалиција „што јавно, што скриено“, при што, како што наведува, „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, пишува Куновска.
Таа додава дека, доколку тоа „уште еднаш помине кај интелектуалците и членството во СДСМ“, партијата ќе продолжи да се задолжува „додека не се потроши и зградата“, а сите ќе станат средство „во функција на личните интереси на неколку криминални ликови“, чии дела, според статусот, треба да застарат.
Куновска напиша и дека, според неа, Филипче „никогаш немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“, додавајќи дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ние како мнозинство немаме од што да бегаме, ќе се расчистат сите прашања поврзани со трагедијата во Кочани
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека во периодот кога државата ја воделе СДСМ и ДУИ се закажувале анкетни комисии, но не се обезбедувал кворум. Стојаноски рече дека поради тоа била упатена покана до претседателот на Левица, како и до сите други пратенички групи, да се најде нов датум за седницата закажана за 9 декември.
Тој посочи дека целта е да се договори термин до крајот на годината во кој седницата би се одржала и на кој би можеле да присуствуваат сите поканети, меѓу кои и премиерот.
„Уште еднаш кажувам, ние како мнозинство и како политичка партија апсолутно немаме од што да бегаме“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека се подготвени да ги расчистат сите прашања што ги имаат родителите на загинатите во трагедијата во Кочани, како и прашањата поврзани со претходни трагедии. Според Стојаноски, преку една сеопфатна анкетна комисија може да се дојде до одговори на сите прашања што се поставуваат во општеството.
Додаде дека денеска на собраниска седница, со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.
„Она кое што е важно и би сакал да го истакнам, е дека со ова, успеавме да ја прекинеме политичката игра на некрофилство во која што беа западнати СДСМ и Левица сакајќи да добијат политички поени од едни вакви трагедии“, се наведува во изјавата.

