Македонија
Државата должи 1,2 милион евра за ДДВ на „Еуроникел“, Синдикатот ги бара за плати на 800 вработени
Само за август Управата за јавни приходи должи 1,2 милион евра за поврат на ДДВ на кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“, чии 800 вработени сѐ уште немаат земено плата за октомври и покрај тоа што денес истекува законскиот рок за исплата. Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот на „Еуроникел“, вели дека државата доцни речиси еден месец со исплатата во услови кога се заканува целосно гасење на печката, која сега работи само на одржлив минимум.
„Доколку сака, државата може многу да помогне за 800 вработени да не останат на улица и наеднаш 800 семејства да не станат социјални случаи. Во овој момент нема друг начин да се исплатат платите. Директорот Димитриос Пасхос побарал од банката повеќе да не се прават плаќања оти се откажува од фирмата. Бев на средба со Хари Костов и наидов на разбирање, рече дека е подготвен да овозможи исплата на платите доколку државата го исплати ДДВ-то. Се работи за поврат на ДДВ за август во износ од 1,2 милион евра, а нашите плати заедно со придонесите се 580.000 евра. Овие пари УЈП требаше да ни ги исплати заклучно со 19 октомври, немаме објаснување зошто се доцни. Бевме и на средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи, му објаснивме дека Владата, доколку сака, може да ни помогне да исплатиме плати, а што е уште поважно – со тие пари ќе обезбедиме и струја, оти снабдувачот ЕДС вечерва на полноќ ќе ни ја изгаси и струјата, го раскинува договорот. Ако се изгаси печката, се запечатува судбината на фабриката оти повторното нејзино ставање во употреба е долг и скап процес“, вели претседателот на Синдикатот, Ѓорѓиев.
За преземање на фабриката, според вработените, има најмалку двајца заинтересирани. Едниот е подготвен да ги задржи вработените, а другиот поставил услов фабриката да оди во стечај, па потоа да ја преземе.
„Немаме официјална потврда, но до нас допре информацијата дека еден од поранешните директори, Константинос Даскалакис, сака да ја преземе. И за тоа разговарав со банката, Костов нема против преземањето доколку се обезбедат сите согласности и доколку новиот сопственик исплати сѐ она што треба да го плати. Синдикатот ја поддржува оваа опција. Не ни е битно името на новиот сопственик, битно е фабриката да работи и сите вработени да останат на работа, да нема стечај“, вели Ѓорѓиев.
Тој денес испрати уште едно писмо со апел до Владата да се исплати ДДВ-то. Пари што ќе помогнат за плати на вработените додека не се донесе одлука за евентуален нов сопственик. Помош на вработените вчера им вети и премиерот Димитар Ковачевски онолку колку што може Владата да помогне во приватна компанија, но сѐ уште нема конкретни чекори иако долгот на државата може да ги покрие платите на вработените.
„Макфакс“ испрати официјални прашања за исплата на ДДВ-то на „Еуроникел“ до Управата за јавни приходи. Од таму најавија одговори откога ќе направат дополнителни проверки за даночниот обврзник.
Раководството на „Еуроникел индустри“ со недели не одговора на прашањата од „Макфакс“ за состојбите во фабриката и за неизвесноста за вработените, кои повторно најавуваат протести и блокирање улици доколку не се најде решение, а подготвуваат и кривична пријава за измама за актуелното раководство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

