Македонија
Синдикатот на „Еуроникел“ ќе го тужи директорот: 6 месеци нѐ лаже дека фабриката ќе работи и ќе растат платите
Синдикатот на кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“, поранешна „Фени“, ќе поднесе кривични пријави против швајцарскиот фонд ГСОЛ, сопственик на фабриката, и против директорот Димитриос Пасхос за измама. Претседателот на Синдикалната организација на „Еуроникел“, Миле Ѓорѓиев, вели дека претставници на ГСОЛ и директорот ги измамиле работниците дека фабриката ќе работи.
„Подготвуваме кривични пријави за актуелниот сопственик ГСОЛ и за директорот Димитриос Пасхос за измама бидејќи 6 месеци нѐ лажат дека фабриката ќе работи, ќе расте производството, а ќе расте и нашиот личен доход. Ние сме во целост измамени затоа што фабриката денес не работи, ние не произведуваме и секој момент може да останеме на улица, а знаејќи дека сопственикот ја напушти фабриката и нема намера да исплати плата за октомври, тоа е уште едно кривично дело, кое исто така ќе биде дел од кривичната пријава што ја подготвуваме“, вели претседателот Ѓорѓиев.
Тој денес им испрати уште едно писмо на премиерот Димитар Ковачевски, на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и на генералниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов, каде што е сметката на фабриката, во кое бара помош за исплата на платите на вработените и поддршка во напорите да се обезбеди струја за да не мораат целосно да ја изгасат печката. Изминатава недела претседателот Ѓорѓиев имаше средби со сите оние од кои бара помош, но освен ветувања, во фабриката и денес нема поместување на состојбата.
Ѓорѓиев вели дека „Енерџи деливери солушнс“, од каде што се снабдувале со струја, им го откажале договорот и вечерва на полноќ фабриката ќе остане без снабдувач на струја. Тој смета дека исплатата на достасаното ДДВ за август, кое државата треба да ѝ го исплати на фабриката, може да помогне и за исплата на платите и за покривање дел од трошокот за струја за одржување на печката на неопходниот минимум.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера вети дека ќе им помогне на вработените во „Еуроникел“ да ги задржат работните места онолку колку што Владата може да помогне оти се работи за приватна компанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Метеоролозите најавуваат поинтенезивни врнежи ноќеска и утре, од среда стабилизирање
Времето денес променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, најпрвин во западните делови каде ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен југоисточен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во текот на ноќта. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени, јавува УХМР.
Денес најпрвин во западните, а во текот на ноќта и во понеделник претпадне насекаде, ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (локално над 30 l/m²) и засилен ветер се очекуваат во текот на ноќта, особено во западните делови од земјата. Во вторник ќе има локални врнежи од дожд со послаб интензитет, а потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со благ пораст на дневните температури.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.

