Македонија
Државниот градежен инспекторат ќе урива на Матка, директорот Љимани го послуша министерот Сугарески
Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Локаман Љимани, го послуша министерот за транспорт, Горан Сугарески, и ќе направи контрола на работата на градежната инспекција на Општина Сарај која со години не ги урива дивите платформи на Матка. Од Инспекторатот велат дека ја следат состојбата со платформите и најавуваат дека ќе постапат согласно со Законот за градење, кој, пак, предвидува уривање на објектите изградени без одобрение.
„Инспекторатот достави писмено барање до градоначалникот на Општина Сарај за постапување согласно со позитивните законски прописи. По добивањето на бараните податоци, инспекторатот ќе постапи согласно со одредбите од Законот за градење и другите законски прописи“, изјавија за „Макфакс“ од Инспекторатот.
Директорот на Инспекторатот не одговори на прашањата зошто се премисли и најави дека ќе постапи по барањето на министерот откако мината недела Инспекторатот се прогласи за ненадлежен да постапува на Матка оти се работи за градби од прва категорија, кои се во надлежност на локалната самоуправа. Тој не одговори и на прашањето кога ќе излезат да направат увид на Матка.
Министерот за транспорт и врски викендов уште еднаш јавно побара Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да направи увид на Матка, да утврди дали градежниот инспектор постапил согласно со надлежностите и да направи извештај што им е неопходен за евентуално одземање на ингеренциите на Општина Сарај од областа на урбанизмот.
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, не одговара на прашањата дали изготвиле решенија за уривање на дивоградбите на Матка, зошто ги толерираат со години и каков е неговиот став по најавата за одземање на ингеренциите од областа на урбанизмот.
Министерството за транспорт и врски минатиот понеделник испрати барање Државниот градежен инспекторат да направи увид на Матка и да ги урне дивите платформи поради очигледното непостапување на општинската градежна инспекција, а за тоа побара и да подготват извештај врз основа на кој е можно одземање на ингеренциите на општината од областа на урбанизмот.
Увид на Матка најави и Инспекторатот за животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

