Македонија
ДУИ: Една година „резултати“, но нула почит за албанскиот јазик, неприфатлива институционална дискриминација од Царинската управа

„Демократската Унија за Интеграција јавно и остро го осудува скандалозниот начин на кој Царинската управа го одбележа едногодишното раководење на новото раководство, целосно исклучувајќи го албанскиот јазик и албанските претставници од секоја комуникација, симболика и официјална содржина“, велат од ДУИ.
„Една година „резултати“, но ниту еден збор на албански. Ниту еден текст, ниту еден наслов, ниту еден глас, ниту еден институционален претставник на албански јазик – во презентација која, според нив, требаше да ја одрази успешноста на една државна институција, во една двојазична и мултиетничка држава.
Ова не е случајност. Ова е дискриминаторска и исклучувачка политика кон албанскиот јазик и албанските граѓани. Уште позагрижувачка е службената тишина, фактот што сите што требаше да реагираат, избраа да зборуваат само на македонски јазик.
Не може да се смета за рамноправна застапеност фактот што албанскиот заменик-директор е отстранет од официјалната веб-страница на Царинската управа, и изедначен со политички советници, вклучително и фигура осудена од Хашкиот суд.
ДУИ го смета овој чин за сериозно кршење на Законот за употреба на јазиците, како и негирање на духот на Охридскиот договор и темелите врз кои е изградена соживотната коегзистенција во оваа земја. Симболите, јазикот и застапеноста се суштински дел од еднаквоста. Кога тие се игнорираат – нема заедничко владеење, туку доминација и понижување.
Упатуваме итен повик до Владата, Инспекторатот за употреба на јазиците, Народниот правобранител и сите надлежни институции за надзор да реагираат веднаш. Тишината е соучесништво во навредата.
Неприфатливо е јавните институции да се претвораат во едноетнички органи. Бараме одговорност, транспарентност и итно враќање на албанскиот јазик во секоја официјална содржина на Царинската управа, како и еднаква застапеност на албанските функционери“, соопштуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова-Бирн: изразена надеж дека Ирска ќе продолжи да се залага за кредибилен процес на пристапување кон ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Томас Бирн, државен министер за европски прашања и одбрана на Ирска.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Претседателката оцени дека политичките односи се пријателски и без отворени прашања, но со скромна динамика и посочи на потребата од интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво. Таа ја истакна потребата за поголема економска соработка и трговска размена меѓу двете држави.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Ирска за нашите аспирации за членство во Европската Унија. Потсети дека и по 21 година од формалната апликација за членство за време на ирското претседателство во 2004 година, процесот е заглавен во лавиринт од двојни стандарди.
Барајќи фер шанса за земјата, таа изрази надеж дека Ирска, за време на нејзиното претседателство во втората половина на 2026 година, како поддржувач на политиката на проширување ќе продолжи да се залага за кредибилен процес на пристапување, базиран на заслуги.
Таа уште еднаш укажа на опасноста по процесот на проширување, од неговата билатерализација и оптовареност со идентитетски и историски прашања.
Македонија
Ганиу ќе ја тужи Арсовска: Моите адвокати спремаат тужби за невистините што ги зборува за мене чесната жена од Град Скопје

Во Чаир нема 150 згради дивоградби, нема дивоградби изградени на државно земјиште и нема темели за 50 нови дивоградби, кажа денес градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу. Најави тужба за градоначалничката на Скопје Данела Арсовска која два месеца шета по градилишта за дивоградби низ Чаир, го обвинува Ганиу за криминал, а минатата недела побара негово итно апсење.
„Моите адвокати работат на тужби за сите невистини за мене. Чесната жена од Градот Скопје манипулира со зборовите. Манипулира и со тоа што го кажа на прес-конференција. Во 2005 година кога стана градоначалник Изет Меџити имаше 13.000 дивоградби или над 75% од сите објекти во Општина Чаир беа дивоградби. Ние тоа го затекнавме, а таа често кажува дека 13.000 дивоградби се од мое време“, вели градоначалникот Ганиу.
Градоначалникот Ганиу тврди дека не е точна бројката од 150 дивоградби во Чаир што ја кажува градоначалничката Арсовска, ниту пак дека има дивоградби на државно земјиште.
„Не е вистина дека тие објекти што се изградени се на земјиште на РМ бидејќи Чаир е три квадратни километри и се е сопственост на некого, нема РМ земјиште, многу малку има. 150 згради што таа ги објавува се невистина и тоа може да се потврди. Најновата лага што ја кажува е 50 нови темели се отворени по Чаир. И тоа е лага“, рече градоначалникот Ганиу.
Лажните тврдења, Ганиу вели дека имаат цел да го дискредитираат него. Последниве денови Ганиу смета дека обвинувањата намалиле по објавите дека тој нема да биде кандидат за градоначалник на Чаир.
„Целата оваа афера што таа ја направи со дивоградбите во Чаир покажа дека само требаше да биде мегафон на ДУИ. Инструкциите ги добиваше од ДУИ“, обвини Ганиу.
За да го поткрепи ова тврдење, Ганиу кажа дека Општина Чаир не е прва по број на дивоградби ниту во земјава, ниту пак е на прво место по број на дивоградби во Скопје.
„Имаме записници во ЗЕЛС во кои стои изјава на министер за транспорт и врски дека во земјава од 2011 година кога истече рокот за легализација па наваму се изградени 130.000 дивоградби. Тогаш беше оваа полемика кога се даваше новиот закон за легализација. Од целава држава значи ние сме над дваесетто место по број на дивоградби, а во градот Скопје сме шести. Пет општини се пред нас. Со ниедна општина не се занимаваше госпоѓа Арсовска чесната жена од Градот Скопје, ова го велам бидејќи така ја знаат граѓаниве во Скопје. Се занимаваше само со Чаир бидејќи тоа им беше мета и тоа им беше работа што им ја даваше ДУИ“, вели градоначалникот Ганиу.
Категорично тврди дека не издавал одобренија за градење згради на деца,како што тврди Арсовска, а дали издадените одобренија понатака на нотар некој со наследни решенија ги ставил на име на деца вели дека не е негова работа да проверува.
Градоначалничката Арсовска, пак, за утре најави дека пред медиумите ќе ги покаже сите досега утврдени незаконитости поврзани со нелегалните и небезбедни градби откриени во Чаир.
Македонија
Таблетарната онколошка терапија од 4 август ќе може да се подигнува директно во аптеките

Денес, во рамките на континуираните активности за унапредување на здравствените услуги, генералните директори на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, заедно со заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, остварија работна посета на ЈЗУ Општа болница Велес.
Во фокусот на посетата беа состојбите со здравствените услуги на регионално ниво, унапредувањето на соработката помеѓу болницата и Фондот, како и презентирањето на новите мерки за подобрување на достапноста до онколошката терапија за пациентите.
Од 4 август 2025 година, пациентите кои се лекуваат со таблетарна онколошка терапија – анастрозол и летрозол, ќе можат својата терапија да ја подигнуваат директно во аптеките, на товар на Фондот.
„Со оваа мерка, пристапот до терапијата значително се олеснува, а пациентите ќе имаат поедноставена процедура. Потребно е само да добијат извештај од својот онколог, да земат рецепт од матичен лекар и со тоа да ја подигнат терапијата во аптека. Партиципацијата ќе изнесува околу 50 денари“, истакнаа генералните директори.
Во текот на посетата, беше најавена и набавка на нова медицинска опрема за потребите на болницата.
„Велешка Општа болница ќе набавува медицинска опрема за Интерно, за Очно, Детско и за Одделението за неврологија и психијатрија. Набавката е обезбедена од вкупно издвоените 40 милиони денари фондовски средства, од кои поголемиот дел се за подмирување на долгот на установата, а дел за плати на нововработените и за нова опрема,“ нагласи Клековски.
„Ќе се набавува медицинска опрема за повеќе одделенија. Ќе ја потенцирам најзначајната – за Одделението за офталмологија, каде веќе е набавен вакум апарат, а сега ќе се набави и микроскоп, со што ќе се комплетира опремата за редовна работа. Тоа значи дека во Велес ќе можат да се изведуваат и хируршки зафати на очи“, додаде Клековски.
Работната посета на Велешката болница е дел од пошироките активности на Фондот за приближување на здравствените услуги до граѓаните и воспоставување одржлив модел на лекување кој ги става пациентите во центарот на вниманието, велат надлежните.