Македонија
Дурмиши: Есенската кошничка овозможи заштеда од 1.360 денари

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес-конференција во Министерството за економија и труд ги презентира резултатите од есенската потрпошувачка кошница.
„Есенската кошница како мерка што ја донесовме на крајот на септември веќе заврши, заклучно со вчерашниот ден. Мерката беше спроведена успешно и според анализите на Министерството за економија ги даде очекуваните резултати. Оваа мерка ја донесовме со цел да ги заштитиме граѓаните во време кога има зголемување на цените на основните прехранбени производи, пред сè, за време на празниците, односно да се стабилизираат цените и да не дојде до нивно нагло зголемување.
Тоа и се случи, со мерката успеавме да не дозволиме нагло зголемување на цените на основните прехранбени производи, туку нивно стабилизирање и намалување во одредени сегменти. Нашите анализи, кои ги споделивме, покажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 %, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало или воопшто и го нема (како на пр., лебот, маслото за јадење и млекото), а кај други производи тоа е значително поголемо (на пр., месото, зеленчукот и млечните производи (сирење и кашкавал)“, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
„Секако дека за оваа мерк,а како што и самите знаете, имавме забелешки во најголем дел од трговците и од некои од дистрибутерите, но таа сепак ги даде резултатите што ги очекувавме бидејќи заштитата на животниот стандард е наш приоритет. Нашите податоци кажуваат дека искажано во заштеда во пари за едно четиричлено семејство на месечно ниво заштедата од ограничените маржи и намалените цени на некои од производите изнесува од 690 ден до 1.360 ден од семејство, во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети вп кои набавува. Тоа го потврдуваат и податоците на синдикатите од нивната синдикална кошница, каде што во октомври во делот на храна и пијалаци е намалена за 935 денари.
Тоа укажува дека мерките на Владата, кои се во моментот во сила, дале резултати и цената на храната за еден месец е намалена.
Вкупното намалување на октомвриската синдикална кошница е 57 денари, но тука вклучува и кирија.
Во наредниот период, како што најавивме, ќе има божиќна кошница, рамазанска, велигденска. Овие кошници ќе се разликуваат по составот на производи, во зависност од тоа што најмногу се троши во тој период и во дијалог и со производителите и со трговците оваа мерка ќе ја креираме да биде во интерес на сите и да биде лесно применлива. Каков модел ќе избереме, ќе зависи од предлозите што ќе ги добиеме, а секако треба да земеме предвид дека во маркетите за време на празниците има попусти и акции на одредени производи, па ќе видиме како тие ќе може да се вклучат во наредните кошници.
Она што е важно да кажам дека оваа мерка, односно кошничка, нема да трае повеќе од еден месец. Односно предвидени се со пократок рок на траење од 15 до максимум 30 дена. Очекувам дека од почетокот на ноември ќе има дополнително намалување на цените бидејќи, како што знаете, пред еден месец почна примената на Законот за нефер трговските практики и очекуваме со новите резерви на производи во маркетите да има и нови пониски цени.
Од денеска мерката за замрзнати маржи не е во сила, очекувам дека нема да има зголемување на цените од страна на трговците. Доколку се случи тоа, односно доколку дојде до дивеење на цените без никаква основа, тогаш Министерството за економија и труд ќе ги преземе сите мерки што ги има на располагање и ќе преземеме поригорозни одлуки сè со цел да се заштити стандардот на граѓаните“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Движење ЗНАМ: Формиран централниот изборен штаб за кампањата за локалните избори

На синоќешната седница на Централниот одбор на Движењето ЗНАМ за наша Македонија e формиран Централниот Изборен Штаб за спроведување на кампањата за следните локални избори.
Избрани се и шефови на Регионалните штабови во сите шест изборни единици, информираат од партијата.
Според соопштеното, шеф на Централниот Изборен Штаб е генералниот секретар на партијата,
Горан Минчев.
„До крајот на месец јули ќе бидат именувани сите шефови на општинските штабови и партијата практично од август ќе се трансформира кон штабски начин на работа. На седницата на ЦО беа дискутирани активностите како увертира на подготовките за почетокот на изборната кампања, но и комплетирањето на кандидатските листи за советници во сите општини каде што Движењето ЗНАМ за наша Македонија има свои Општински организации. Договорено е дека Движењето ЗНАМ за наша Македонија ќе продолжи со теренски активности како трета фаза средби со членовите и симпатизерите
во сите градови и села низ Македонија, што значи ќе имаме партиско работно лето“.
Македонија
Предметот за пожарот во “Пулс” префрлен во надлежност на ОЈО Скопје

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесе Решение со кое го определи Основното јавно обвинителство Скопје за стварно и месно надлежно обвинителство во предметот за пожарот во кочанската дискотека “Пулс”.
Одлуката, како што соопштија е донесена имајќи го предвид Решението на Советот за казниви дела при Врховниот суд КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот го определи Основниот кривичен суд Скопје.
„Воедно, решението на Јавното обвинителство е донесено и заради обезбедување економичност и единственост на кривичниот прогон, со оглед на тоа што во истиот предмет за одредени осомничени се уште се води предистражна и истражна постапка и неопходно беше да се определи јавно обвинителство кое ќе постапува за овој кривично-правен настан.
За решението е доставено известување до Основниот кривичен суд Скопје, а кочанското обвинителство е задолжено да ги предаде списите и доказите од овој предмет на Основното јавно обвинителство Скопје“, се нагласува во соопштението.
Македонија
Срамно и недозволиво е во 21 век, среде лето, болница каде што се лекуваат деца да остане без вода, велат од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ го доведе до колапс системот за водоснабдување во Скопје. Ништо не остана од комуналната инфраструктура во главниот град, велат од СДСМ.
Власта, додаваат од опозициската партија, треба да им објасни на граѓаните за чии интереси го доведе во ваква состојба системот за водоснабдување.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје не поддржаа ниту една одлука за одржување на водоводниот систем, а загубите на вода се огромни, дури повеќе од 50%.
Денес цената за незаинтересираноста на власта ја плаќаат децата од ЈЗУ Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – „Козле“ која два дена е без вода.
Срамно и недозволиво е во 21 век, во среде лето, болница каде што се лекуваат деца да остане без вода цели 48 часа.
Во објект во кој се лекуваат болни деца, нарушени се хигиенските и санитарните услови што е сериозен здравствен ризик за пациентите, нивните семејства, но и за здравствениот персонал.
Сето ова се случува во услови на неподнослива ареа, отсуство на санитарни услови и присуство на само една цистерна со техничка вода – која, според медицинските стандарди, не е соодветна за употреба во здравствени установи“.
Наместо грижа, Според СДСМ, пациентите се пренасочуваат во други здравствени установи, што не е решение на проблемот, туку како што велат, тоа е бегање од одговорност.
За СДСМ, иронични се објаснувањата дека причината за дефектот е слаб притисок и конфигурацијата на објектот, иако болницата досега никогаш не се соочила со ваков проблем, ниту пак во летните месеци кога потрошувачката е зголемена.
Ова, според опозициската партија, не е технички дефект туку е системски дефект на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ бара итно решавање на хаосот со системот за водоснабдување, но и одговорност од сите надлежни за состојбата која претставува директна закана за здравјето и животот на децата.