Македонија
„Дурмо турс“ во чиј автобус загинаа 14 патници пак работи „на диво“, полицијата казнуваше превозници

Од 138 контроли за вршење превоз на патници и стоки кои во претходните три дена ги направиле инспектори за патен сообраќај, неправилности се утврдени кај 21 правно и физичко лице и им се изречени соодветни казни. Меѓу казнетите е и компанијата Дурмо турс во чиј автобус на 13 февруари 2019 загинаа 14 лица. Но и покрај тешката сообраќајка со многу жртви, оваа компанија пак работи без соодветната документација.
Министерство за транспорт –Државен инспекторат за транспорт денеска информира дека инспекциските надзори биле спроведени согласно нивниот Акциски план и дека за утврдените неправилности ќе бидат информирани Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, со цел нивно натамошно постапување.
Инспекторатот ги соопшти 11-те правни лица за кои е констатирана неправилност и за кои се изречени казни: Дурмо турс од Гостивар, Дени интернационал од Илинден, Свис мак алигега од Гостивар, Зем промет – компани од Сарај, Словин Билјана од Охрид, Бис од Охрид, Пештер ДОО од Чаир, Димитриоски од Гази Баба, Хисари-ГД од Дебар, Инком бизнис од Куманово и Палас експорт-импорт од Гостивар.
Покрај овие 11 правни лица, биле констатирани и неправилности кај 10 физички лица кои вршат дејности за превоз на патници и стока.
Министерство за транспорт – Државен инспекторат за транспорт информира дека согласно донесениот Акциски план за инспекциски надзори при превоз на патници и стока, од утре инспектори ќе спроведуваат секојдневни интензивни инспекциски контроли над превоз на патници и стока, проверка на документи (лиценци, изводи од лиценци, дозволи, сертификати за професионална компетентност на возач, тахографи), надзор на безбедноста во сообраќајот и спречување нелегален превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвивa нормално, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвивa нормално, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Зелениково и Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од место викано Бразда во село Зелениково. (општина Зелениково)
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Побожје, Бродец, Брест, Танушевци и Малино. (општина Чучер Сандево)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и силен ветер (над 60 km/h). Во овој период локално се очекува да наврне поголема количина на дожд (над 60 l/m2).
Во Скопје, до крајот на седмицата времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер.