Македонија
Едукативни работилници за рана детекција на ракот на дојката во рамките на програмата за прекугранична соработка со Грција

Во рамките на проектот Health info, кој е дел од ИНТЕРЕГ ИПА – Програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Република Северна Македонија 2014-2020, во текот на изминатите две недели се спроведоа едукативни работилници за специјалисти радиолози и радиотехничари со цел обезбедување напреден тренинг за најдобри практики во врска со испитувања и рана детекција на ракот на дојката.
Едукативните работилници опфаќаат повеќе аспекти на дијагностиката, меѓу кои: значењето на техничкиот квалитет на мамографијата, улогата на ултразвукот во скринингот, протоколот за скрининг, техниките на снимање за рано откривање на ракот на дојката, како и значењето на раната дијагноза како најважен фактор во успешното лекување на ова заболување, информираат од Министерството за здравство.
Учесниците на работилниците се доктори специјалисти по радиологија и радиoлошки техничари од Клиничката болница во Битола и Општата болница со проширена дејност Гевгелија, а едукатори се квалификувани и искусни доктори специјалисти по радиологија и радиолошки технолози од Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетскиот институт за радиологија . Покрај теоретски дел, работилниците се состојат и од практична работа во наведените институции.
Во рамки на проектот се набавени нов дигитален мамограф и ехо апарат во вкупна вредност од 140.000 евра, наменети за Клиничката болница Битола и Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, со кои веќе се спроведува пилот-проект за скрининг на канцер на дојката (мамографија и ЕХО на дојка), како и скрининг на канцер на грлото на матката (гинеколошки преглед, ЕХО и ПАП-тест). На овој начин се добива можност за интегрирање на информациските системи меѓу овие болници и неколку здравствени институции во Грција, а воедно се унапредува комуникацијата со здравствените институции во Грција.
Инаку, овој проект се финансира од страна на Европската Унија, која обезбедува 85 % од финансиските средства, а 15 % од средствата се национално учество.
Целта на проектот е подобрување на системот на здравствена заштита во пограничните региони на двете земји (Битолскиот и Гевгелискиот Регион) преку воспоставување иновативен модел – унифициран електронски систем за размена на информации помеѓу двете земји.
Фокусот е да се опфати потешко достапната популација, како што се жени на возраст од 35 до 60 години во помалите рурални општини во пограничниот регион со Грција, со цел да се адресираат нивните потреби и тие да се вклучат во квалитетна превентивна програма за скрининг на канцер на дојката и канцер на грлото на матката.
Раната детекција на овие болести овозможува поставување рана дијагноза и навремен и ефикасен третман, што во крајна линија има цел намалување на стапката на морбидитетот и морталитетот предизвикани од овие болести кај наведената популација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.