Македонија
Експертите советуваа: Ниту државата ниту „Синохидро“ да не бара отштета за автопатот Кичево – Охрид, за нов краен рок да се преговара

„Пријателско порамнување“ препорача експертот од ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери), кој го анализира доцнењето на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, и препорача кинеската „Синохидро“ да ја продолжи изградбата. Пријателското порамнување значи ниту државата како инвеститор ниту „Синохидро“ како изведувач да не бара отштета, компанијата да ја продолжи изградбата, а новиот прифатлив краен рок за завршување на патот заеднички да го утврдат.
Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“ откри дел од анализата на експертот врз основа која Владата одлучи да не го раскинува договорот со кинеската компанија иако премиерот Димитар Ковачевски, незадоволен од тоа што автопатот се гради десет години, најави можност да се раскине и да се избере нова компанија, која навистина ќе го доврши патот.
„Во дел од анализата стои: Во состојба кога во ревидираниот краен рок за завршување на работите, 31.12.2023 година, не може реално да се завршат работите од страна на изведувачот, а земајќи го во обѕир и фактот за висок степен на физички извршените работи, финансиската реализација на проектот, степенот на решени отворени прашања и обезбедените финансиски средства со дополнителниот заем, ви предлагаме да се пристапи кон пријателско порамнување, односно продолжување со работите со прифатлив краен рок за двете страни земајќи ги предвид предложениот краен рок за завршување на работите од страна на изведувачот и потребното време за решавање на отворените прашања од страна на инвеститорот, без отштетни побарувања од страна на изведувачот и без пресметување отштета поради доцнење на градежните работи од страна на инвеститорот“, велат од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор за „Макфакс“.

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна 2014 година со рок за завршување до 2018 година
Јавното претпријатие не ги откри другите наоди на експертот од ФИДИК, но нагласи дека Владата на 214. седница ги овласти Кабинетот на заменик-претседателот за економски прашања на Владата, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта да почнат преговори за склучување анекс за продолжување на рокот за завршување на патот и по задолжувањето е постапено, преговорите се почнати.
Од Јавното претпријатие не сакаа да откријат колкав рок овој пат ќе ѝ дадат на кинеската компанија за завршување на автопатот.
„За рок за завршување на автопатот сè уште не може да се зборува затоа што преговорите траат. Периодов, пак, имајќи предвид дека е зимска сезона, изведувачот работи на терен онолку колку што дозволуваат временските услови“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Премиерот Димитар Ковачевски и минатата недела не одговори на прашањата од медиумите дали новиот анекс на договорот со „Синохидро“ и новиот рок за изградба ќе значат и уште едно поскапување на патот за кој досега трошоците се искачија на 600 милиони евра наспроти првично планираните 340 илјади евра. Кусо одговори дека дополнителните средства зависат од анализите на експертите и од Собранието, кое треба да го одобри анексот на договорот. Премиерот и минатата недела посочи дека одговорност за десетгодишното градење на патот треба да се бара од проектантите кои пред два месеци ги спореди со сметководители со погрешни завршни сметки.
„На готови делови од автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта и цели ридови беа паднати врз автопатот. Треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат на свлечиште, кое веднаш паѓа на автопатот. Автопатот е готов 80 отсто, но свлечиштата мора да се регулираат. Од она што го гледав во проектот, кога тој е направен, една од косините е така направена што почнува од Кичево, а завршува во Албанија. Тој проект е направен на ‘Гугл мапс’“, рече премиерот Ковачевски.

На крајот на 2018 година ГИМ се пофали дека е пробиен најдолгиот тунел во земјата од 1.996 метри на автопатот Кичево – Охрид
„Макфакс“ од проектантите од Градежниот институт Македонија (ГИМ) побара објаснување дали се согласни со ставот на премиерот дека вината за доцнењето треба да се бара и кај нив, дали биле предвидени и дали можело да се предвидат свлечиштата што се појавија. Од таму не одговорија конкретно, туку наведоа дека се компанија која на поставените задачи пристапува со максимална посветеност и квалитет.
„ГИМ има изработено и проектна документација за докомплетирање на проектната документација (урбанистичка проектна документација, урбанистичка планска документација и измени и дополнувања на основните проекти) за автопатот Кичево – Охрид. Изработените проекти се однесуваат на сите подделници во согласност со потребите евидентирани во проектната програма од инвеститорот и консултантот. Целокупната документација е изработена навремено, во согласност со договорот и проектната програма и таа е позитивно ревидирана и прифатена од страна на консултантот. Мисијата на ГИМ е секогаш квалитетно, навремено и транспарентно да одговара на сите зададени задачи и одговорности“, одговорија од Градежниот институт Македонија за проблемите со патот Кичево – Охрид.
Автопатот Кичево – Охрид, долг 57 километри, почна да се гради во 2014 година, а првично требаше да биде завршен до 2018 година. Кога стана извесно дека нема да се изгради во предвидениот рок, изградбата беше пролонгирана до 30 јуни 2021 година, а потоа до 31 декември 2023 година. Рокот за сегашното пролонгирање допрва треба да биде утврден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.