Македонија
ЕЛЕМ: Децата на Грчев и Џафери се ангажирани оти имаа исклучителни биографии
По вработувањето на Димитар Грчев, син на архитектот Мирослав Грчев, и Бесијана Џафери, ќерка на собранискиот спикер Талат Џафери, од ЕЛЕМ за „Макфакс“ велат дека ги вработиле поради исклучителните биографии во поглед на нивното образование, но и делумното работно искуство што го поседуваат.
„Поради тие причини, дадена им е можност да се вклучат во работниот процес во институциите на Македонија, но со оглед на тоа што станува збор за млади лица, со нив е склучен договор за привремено вработување. Во следниот период тие ќе бидат подложени на оценка за нивната работа и од покажаните резултати ќе зависи дали нивниот ангажман ќе биде продолжен или договорите ќе бидат раскинати“, велат од ЕЛЕМ за „Макфакс“.
ЕЛЕМ го вработи и Љубисав Несторовски, сопруг на државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска. На огласот биле пријавени седум кандидати, од кои тројца ги исполнувале условите. Но, од сите нив ЕЛЕМ го вработи Несторовски како инженер за животна средина. Огласот е објавен во февруари, а Несторовски е вработен во март. Платата, според огласот, изнесува 38.000 денари.
Еден месец по вработувањето на Несторовски, на иста работна позиција, но со договор за привремено вработување, ЕЛЕМ го вработила и Димитар Грчев, чиј татко е Мирослав Грчев, кој е вработен во Министерството за култура. За него немало објавено оглас, а според ЕЛЕМ, немало законска потреба. Мирослав Грчев вели нема непотизам при вработувањето на син му, иако тој е дел од Министерството за култура, па смета дека вработувањето на син му е приватна работа. Димитар Грчев на социјалните мрежи напиша статус дека во ЕЛЕМ прима помала плата, а во претходната компанија го плаќале повеќе.
„Не е непотизам вработувањето на мојот син во компанијата ЕЛЕМ бидејќи јас не сум вработен како советник, туку имам задача во работна група при Министерството за култура. Не коментирам ништо што е во врска со моето семејство. И ние сме граѓани на оваа држава, имаме право на приватност“, вели Мирослав Грчев, кој одби да коментира.
На 5 април, заедно со Грчев, договор за привремено вработување потпишала и Бесијана Џафери, ќерка на претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврдуваат од ЕЛЕМ за „Макфакс“. Собранискиот спикер остана недостапен за коментар во врска со вработувањето на ќерка си, која во ЕЛЕМ работи како референт за правни работи. Децата на Грчев и Џафери имаат договор на 8 месеци, кој може да биде продолжен или заменет за договор на неопределено, што значи трајно вработување.
Новите вработувања во ЕЛЕМ доаѓаат по престанокот на повеќе авторски договори, кои завршиле во март, а не биле продолжени. Со тоа на повеќе вработени им заврши работниот однос во компанијата.
„Кога истече договорот за соработка со Авторската агенција, ЕЛЕМ на јавен оглас побара агенција за привремени вработувања со цел идните работни ангажмани што не се на неопределено време да не бидат хонорарни, туку да бидат со договори за привремени вработувања. Со некои од хонорарно ангажираните работници со претходната авторска агенција, а на кои им истекоа договорите, ЕЛЕМ потпиша нови договори. На дел од хонорарно ангажираните, чии договори им истекоа, не им беа понудени договори за привремени вработувања од причина што работната организација реално немала потреба за нивно ангажирање.
Додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, тогашната опозициската партија СДСМ гласно реагира. Кога дојде на власт, СДСМ отпушти кадри, а на нивно место вработи деца на високи партиски и државни функционери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

