Македонија
Жителите на Шуто Оризари ќе може личните документи да ги добиваат во својата општина: отворена нова канцеларија за управни работи на МВР

Денеска во Полициското одделение Шуто Оризари беше отворена новата канцеларија за управни работи на Министерството за внатрешни работи, на настан на кој присуствуваше помошник министерот за граѓански работи Јован Алтанџиев.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 25 000 жители на Општина Шуто Оризари ќе можат во рамки на својата општина да поднесуваат барања и да ги подигнуваат готовите лични документи – лични карти, пасоши и возачки дозволи.
„Досега жителите на Шуто Оризари овие услуги ги добиваа преку полициската станица Бутел или во зградата на МТВ. Од денес натаму тие ќе можат тоа да го прават овде, во својата општина. Ова е континуитет на нашата цел – да ги приближиме услугите на МВР до граѓаните,“ истакна помошник министерот Алтанџиев.
Алтанџиев посочи дека министерството за внатрешни работи паралелно спроведува две фази на подобрување на пристапот до услуги – дигитализација на дел од услугите и отворање нови канцеларии за управни работи во средини каде што тоа е најпотребно според бројот на жители и пристапноста.
Во изминатите 15 месеци, МВР отвори седум нови канцеларии за управни работи во општините Сарај, Липково, Долнени, Демир Капија, Јегуновце, Желино и Жеровјане кое ги опфаќа Брвеница и Боговиње. Со денешното отворање во Шуто Оризари, бројот на вакви канцеларии се зголемува на осум.
Со тоа, како што е соопштено, министерството за внатрешни работи опфаќа над 200 000 жители низ државата – односно околу 13% од вкупното население – со цел да се подобри ефикасноста и квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.
Алтанџиев најави дека во наредниот период се планира отворање нови канцеларии за управни работи и во новите објекти на полициските станици Аеродром и Кисела Вода, со што министерството продолжува со својата стратегија за подобра достапност и современо функционирање на јавните услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.