Македонија
Заев – Борел: Никој нема забелешки за реформите на Северна Македонија, граѓаните заслужуваат европска иднина

Претседателот на Владата, Зоран Заев, како дел од својата агенда на самитот на ЕУ за Западен Балкан во Словенија оствари билатерална средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, премиерот Заев ја изрази неговата и благодарноста на Владата на Северна Македонија за личната поддршка на потпретседателот на ЕК за почеток на пристапните преговори за нашата земја со ЕУ.
Премиерот Заев истакна дека блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и за Албанија во целиот регион се оценува како сериозно назадување и удар врз довербата во целата ЕУ.
Потпретседателот Борел и премиерот Заев заеднички констатираа дека Северна Македонија ги исполнува сите зацртани реформи и дека никој нема забелешка на тоа поле, со што македонските граѓани во целост ја имаат заслужено својата европска перспектива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари за „Макфакс“: Има реални шанси денес или утре да се заврши договорот за влез на Алијансата во Владата

Привршуваат преговорите за распределбата на ресорите помеѓу Владата и Алијансата за Албанците. Ова за „Макфакс“ го потврдува партискиот претседател Арбен Таравари. По дефинирањето на програмските определби, се привршува и со другите отворени прашања.
„Сè уште нема дефинитивна одлука. Има реални шанси денес или утре да се заврши“, вели Таравари за „Макфакс“.
Засега, иако неофицијално, извесно е кои две министерства ќе им припаднат на кадри од Алијансата за Албанците. Тоа се Министерството за здравство, со кое моментно раководи Алтернативата, и Министерството за правда, со кое моментно раководи кадар на СДСМ.
Извесно е дека Таравари и неговата партија ќе добијат и директорски места во повеќе институции.
Маја Терзиова
Македонија
За набавка на „трикафта“ за осум пациенти, Собранието треба да смени три закони

Министерот за здравство, Беким Сали, ќе иницира измени на три закони за да се овозможи набавка на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза преку директни преговори со фабриката производител. Иако се стремеле да го набават лекот за вкупно 30 пациенти, во првата набавка извесно е дека ќе се обезбеди терапија, само за осуммина, чија состојба е критична, за другите е само стремеж.
„Давањето законска можност за директно преговарање со фабриката може да ни овозможи пониска цена за терапијата поради барањето условите за преговарање да не бидат јавни затоа што фабриките имаат регионални политики и даваат посебни понуди за одредени држави. Знаејќи ги условите кај нас, тие сигурно би дале за нас пониска цена. Во контакт сме со фабриката и се подготвуваат законските измени, кои ќе ни овозможат директно да преговараме. Законот за лековите, Законот за јавните набавки и Законот за здравственото осигурување се законите што треба да ни го овозможат тоа“, рече министерот Сали.
Средства за терапијата за првите осуммина пациенти ќе обезбеди Фондот за здравствено осигурување, а набавката на лекот би одела преку Клиниката за педијатрија. Во тимот за преговори министерот Сали најави дека ќе биде и член на Асоцијацијата за цистична фиброза, кој ќе може да известува за разните фази од набавката.
Министерот Сали денес уште еднаш објасни дека набавката на лекот „трикафта“ не е планирана во буџетот за годинава. Тој се надева дека в година Министерството и Фондот за здравство ќе бидат подобро спремни за набавка на лекот за другите пациенти.
Во саботата пациентите со цистична фиброза преку протест пред Владата им кажаа на институциите дека лекот треба да се набави за сите и оти немаат време за долги процедури за набавка.
Македонија
Гаревски: Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија

Разорниот земјотрес во Турција нема да ја стресе Македонија, уверува професорот Михаил Гаревски. Тој за „Макфакс“ вели дека Македонија може да здивне бидејќи во следниот период од неколку месеци не се очекуваат потреси. Нагласува дека земјотресите не може да се предвидат, но земјотрес со поголема јачина не се очекува.
„Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес“, вели Гаревски за „Макфакс“.
Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување имајќи предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.
„Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес што се случил во 1939 година бил во градот Езерџан со магнитуда од 7,9 степени според Рихтер и имал 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1.200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед во близина на Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија, која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше стравотна, како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби“, додава Гаревски за „Макфакс“.
По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.
„Засега бројот на жртви, официјално, е 1.500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но, имајќи ја предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но, дај боже, да грешам“, посочува професорот.
Според Гаревски, во регионот околу земјотресот во Турција очекувани се афтершокови, чиј интензитет ќе се намалува.