Македонија
Заев во понеделник на средба и со Столтенберг
Премиерот Зоран Заев за време на престојот во Брисел, идниот понеделник, освен во Европската комисија, ќе има средби и во седиштето на НАТО, каде што ќе разговара со генералниот секретар Јенс Столтенберг. Според најавите од Алијансата, Заев на средбата со Столтенберг ќе биде придружуван од новата министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, како и од шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Претходно беше најавено дека Заев во Брисел ќе се сретне со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.
Ова е прва посета на Заев во Брисел откако застана на чело на новата влада, која според сите официјални и неофицијални најави сака да ги фокусира надворешно-политичките напори пред се кон брз прием во членство во алијансата.
Денеска и руската агенција Спутник јави дека, според руски извори од Брисел, НАТО сака да ја прими Македонија во членство до идната пролет.
Наредната недела мисијата на НАТО во Скопје ќе го прославува со прием членството на Црна Гора, за да ја илустрира радоста на НАТО што се проширува семејството на демократски држави со уште една членка и за да се поттикне дополнително Македонија да се врати на евроатлантскиот пат и да ги засили реформите неопходни за прием.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
