Македонија
Заев до Галовеј: Унапредувањето на соработката со Обединетото Кралство е еден од приоритетите на новата Влада
Претседателот на Владата Зоран Заев, се сретна со амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја Н.Е. Рејчел Галовеј, која му го честиташе вториот мандат и изборот на новата Влада посакувајќи му успешна работа.
Премиерот Заев во разговорот со амбасадорката, истакна дека се важни остварените резултати од првиот мандат во насока на зајакнување на демократијата и подобрување на политичките слободи подвлекувајќи дека во наредниот четиригодишен мандат Владата останува посветена на стратешките цели, меѓу кои важно место зазема нашата заложба за исполнување на нашите обврски од членството во НАТО и забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.
На средбата беше констатирано дека Британија и Северна Македонија се силно посветени на зајакнување на билатералната соработка на економски план и зголемување на трговската размена.
Беше разговарано и за програмите и мерките кои помагаат за совладување на здравствено-економската криза од коронавирусот КОВИД – 19 и нивна најдобра примена за заштита на економијата и животниот стандард на граѓаните, со цел продолжување на позитивните реформи во нашата земја во областите на одбраната, владеењето на правото и доброто управување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во државава е поевтино да се облечеш, отколку да се храниш
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во октомври индексот на трошоците на живот забележал мала дефлација од 0,2% во споредба со септември. Тоа се должи на поевтинувањето на транспортот за 6,1%, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3%, како и на образование и култура за 0,1%. Индексот на цените на мало бележи слично благо намалување, на 98,7 поени.
Сепак, ова благо месечно намалување не го менува годишниот тренд. Во однос на октомври 2024 година, индексот на трошоците на живот пораснал за 4,5%, а индексот на цените на мало за 2,8%, што покажува дека граѓаните сè уште се соочуваат со висок инфлаторен притисок.
Највидливо поскапување е регистрирано кај храна и безалкохолни пијалаци, кои за една година се зголемиле за 7%, како и кај алкохолни пијалаци и тутун (+6,7%) и облека и обувки (+2,8%). Мали месечни зголемувања има и кај домувањето, вода, електрична енергија и гас, како и ресторани и хотели, со раст од околу 0,2%.
Минималната синдикална кошница во октомври пораснала за 467 денари, а за просечно четиричлено семејство месечните трошоци изнесувале 65.544 денари. Најмногу се зголемиле трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври достигнале 23.772 денари, што е раст од 378 денари за еден месец.
Македонија
И денес врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне 17 степени.
Според прогнозата на УХМР, во понеделник ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 литри на квадратен метар за 24 часа) со појава на грмежи.
-Во вторник претпладне ќе има повремен локален дожд, а преку денот ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури, соопшти Управата за хитрометеоролошки работи.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.

