Македонија
Заев за вакцините: Очекувам овие денови да ја видиме солидарноста на ЕУ
Премиерот Зоран Заев вели дека 5.850 вакцини од „Фајзер“, за кои министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека се одлична вест што ќе стигнат во февруари, нема да бидат доволни ниту за вакцинација на здравствените работници што работат директно со ковид-пациенти.
Тој се надева дека Македонија преку членките на Европската Унија ќе добие вакцини уште во јануари за вакцинацијата да почне што побргу.
Заев објасни дека приоритетна вакцина чекаат 25.000 здравствени работници, како и хронично болни и пензионери.
„Секако, некаде 5.000 или нешто под 6.000 вакцини се тие што сега се најсигурни од ‘Фајзер’. Додека тие се имплементираат и се користат, ќе стигаат вторите, третите пакети. Она на што сега реагираме е што првите испораки на вакцини во земјите членки на Европската Унија стигнаа. И некаде се 10.000, некаде 15.000, некаде 7.000, зависи колку се големи земјите. И тие почнуваат со вакцинацијата. И додека трае процесот, ќе стигнат вторите испораки. Затоа, баравме барем пет проценти од целото тоа што го имаат земјите членки да го споделат со Западен Балкан и да може непречено да продолжи вакцинацијата. Јас очекувам солидарноста на ЕУ да ја видиме овие денови затоа што тоа е еден од најизвесните начини вакцината да ја добиеме уште во јануари, а секој ден порано е добредојден. Нормално, очекуваме регулирана испорака по пратки затоа што ако стигнат 5.800, на пример, тоа не стигнува само за здравствените работници што работат на ковид-одделите. 7.700 се само здравствените работници што работат директно на ковид-случаи. На ниво на државата имаме над 24-25.000 здравствени работници. Каде се пензионерите, хронично болните, имаме отврено дебата граѓаните што изгубиле член на семејството од Ковид-19 да бидат во приоритетните групи за вакцинација“, рече Заев.
Сите средства за вакцините ќе се плаќаат од буџетот, но и преку донации и грантови.
„Јас очекувам првите вакцини кога ќе стигнат, додека трае вакцинацијата, да стигне и вториот пакет вакцини. Плаќањето ќе биде од буџетот. Дел е грантови и донации, како фрижидерите што ги очекуваме. Ќе водиме и јавна кампања за да ја подигнеме свесноста за вакцинацијата за на тој начин да ја истераме пандемијата од нашата земја“, рече Заев.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека првата доза од 5.850 вакцини против Ковид-19 ќе стигне во февруари. Според него, 800.000 дози ќе бидат испорачани во текот на 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

