Македонија
Заев – Лајчак: Поддршка од ЕУ за натамошен напредок на земјата во духот на европските вредности

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров, вечерва имаше онлајн-средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На состанокот е изразена поддршка за напорите на Република Северна Македонија во процесот на европските перспективи. Пренесено е дека премиерот Заев ги има симпатиите и поддршката од европските институции за натамошен напредок на нашата држава во духот на европските вредности.
Премиерот Заев се заблагодари за охрабрувањето што е секогаш добредојдено и важно, особено кога се работи за реализацијата на клучните стратешки државни цели.
„Продолжуваме да работиме активно на европската агенда, на негувањето на добрососедските односи, на економскиот развој на државата, посветени сме на заштитата на јавното здравје. Нашите искрени политики на дијалог ги покажуваат европските вредности што ги застапуваме и веруваме дека тие ќе овозможат натамошен развој на земјата“, рече премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека концептот едно општество за сите во нашата држава успешно се развива и дека е добар пример како – ако се има политичка волја и чувство за потребите на граѓаните – се можни решенија што овозможуваат перспективи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Меџити: Дали Османи двапати бил во Будимпешта кај Груевски?

Првиот вицепремиер и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска јавно побара од неговиот противкандидат Бујар Османи да ја разјасни информацијата дека најмалку двапати бил во Будимпешта на директна посета со поранешниот премиер Никола Груевски. Информацијата е објавена во соопштението на партијата Вреди.
Меџити најави дека откако Османи ќе одговори на ова прашање, тој ќе открие детали за тоа кога и како се случиле посетите.
„Ќе поставам прашање, дали е вистина дека најмалку двапати бил во директна посета со Груевски, ќе почекам да видам како ќе одговори, па потоа ќе му кажеме кога било и како било“, изјави Меџити пред медиумите.
Ова прашање го става Османи под јавен притисок да ја објасни својата врска со поранешниот премиер, што може да има влијание на изборната кампања во Општина Чаир.
Скопје
(Фото) Гори на неколку места во Скопје, невремето предизвика пожари

По силното невреме проследено со интензивни ветрови, во повеќе делови од Скопје се предизвикани материјални штети и регистрирани пожари.
Надлежните служби внимателно ја следат состојбата, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) е во постојана координација со сите релевантни теренски служби.
Директорот на ЦУК, Мухамед Алу, заедно со дежурните служби, ги координира активностите и ги информира институциите со цел навремено постапување. Според досегашните информации, нема повредени лица.
ЦУК апелира до граѓаните кои имаат претрпено материјални штети или забележале дополнителни ризици веднаш да се јават на бројот за итни повици 112.
Според информациите поради искрење на жиците за електрична енергија, гори кај селото Крушопек на планината Водно. Пожар е забележан и во близина на спорската сала „Борис Трајковски“, во скопското село Волково. Паднати кровови од згради има во Чаир, во Ѓорче Петров, на булеварот Партизански одреди во близина на бензинската пумпа на Окта, како и паднати дрвја, гранки од дрвја и контејнери.
Скопје
(Фото) Скопје на удар на невреме, силен ветер, паднати дрва, пожари во делови од градот

Скопје се соочува со нестабилни временски услови во текот на денешниот ден. Во моментов, во градот дува многу силен ветер, небото е облачно, а во некои делови, како Волково и Куршопек, се јавува пороен дожд.
Скопјани пријавуваат дека поради искрења на жиците за електрична енергија настанале пожари, а во некои населени места и прекини во електричната енергија. Засега нема официјални информации од ЦУК или ДЗС, но се очекуваат во текот на денот.
Скопјани на социјалните мрежи пријавуваат дека во повеќе населби има паднато големи дрва од силниот ветер. Едно во Капиштец го има дури комплетно стопирано сообраќајот во близина на поранешна Нова Македонија.
Утрово, Управата за хидрометеоролошки работи најави дека попладне и во текот на ноќта во Скопје ќе се развие нестабилност со пороен дожд и грмежи. На одредени делови од котлината можна е појава на невреме. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер, а температурата ќе се движи од 12 степени во најстудените делови од денот до максимални 36 степени.
Граѓаните се советуваат да бидат внимателни, да избегнуваат движење во отворени простори за време на силни грмежи и да ги следат официјалните информации за евентуални последици од невремето.