Македонија
Заев: Очекувам до средината на декември да добиеме позитивна одлука за влез во ЕУ

Премиерот Зоран Заев, денес, по повторно искажаната поддршка на влез на Македонија во ЕУ, на крајот од самитот во Брдо, Словенија, рече дека следен рок во кој се надева на позитивна одлука е средината на декември. Иако видно разочаран од ставот на Бугарија и на овој самит, премиерот Заев е уверен дека има можност до крајот на годината да се одржи и првата меѓувладина конференција.
„Времето е пред нас. Рековме дека одлуките за проширувањето, односно за нас конкретно, за првата меѓувладина конференција, првиот момент е средината на декември. Тогаш ќе бидат завршени изборите кај нас, ќе бидат завршени изборите во Бугарија и тоа ми дава надеж на вака силни декларации од страна на Европската Унија, како што се испорачаа денеска, и тоа многу прецизни, верувам вака прецизни дури по 2003 година од самитот во Солун, треба да бидат некое охрабрување за нас да продолжиме да бараме решение. Времето е пред нас. Јас останувам во исчекување дека до крајот на годината тоа е средината на декември, можеме да ја добиеме позитивната одука, односно до крајот на годината да ја одржиме и првата меѓувладина конференција“, рече премиерот Заев.
За него, овој самит е само уште една потврда, овој пат со декларација на заложбите на Европската Унија за проширувањето и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Вели дека фокусот е на Македонија затоа што билатерланото прашање со Бугарија влијае на сите други земји кандидати.
„Влијае и на Албанија, директно, затоа што се врзани со нас, но влијае во мотивацијата или демотивацијата на Србија и Црна Гора, на Косово и на Босна и Херцеговина, и тоа е јасно“, вели премиерот Заев.
Тој утрово имаше две средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев. Првин беше на заедничи појадок со Радев со премиерот на Словенија, Јанез Јанша, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи. На појадокот премиерот Заев укажа дека народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела и ако ЕУ не дејствува, разочарувањето кај народите од регионот ќе биде непоправливо и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка.
Премиерот Заев и заменик-претседателот за европски прашања, Никола Димитров, заедно со Радев, имаа средба и со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и канцеларката на Германија, Ангела Меркел, на која изразиле заедничка подготвеност и интерес од Северна Македонија и Бугарија да го продолжат дијалогот за да се дојде до решение на спорните прашања меѓу двете земји.
По овие две средби, пред почетокот на самитот, претседателот Радев, во изјава за медиумите, рече дека Бугарија не може да каже „да“ за влезот на Македонија во ЕУ сѐ додека неговите сонародници кај нас подлежат на суптилна асимилација, се потиснуваат и нивните права не се целосно интегрирани и додека не се искорени јазикот на омразата, не се смени толкувањето за Бугарија во учебниците, спомениците и државната политика. Тој побара Бугарите во земјата да бидат вброени во пописот и „како што беше призната историската вистина во односите на Северна Македонија со Грција, така да биде призната и историската вистина во односите со Бугарија“.
За премиерот Заев, чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонскиот народ. Рече дека ниту една ниту една земја членка на ЕУ нема забелешки за реформите што се направени кај нас, од кои зависи напредокот. Нагласи дека по изборите кај нас и во Бугарија, треба да продолжи дијалогот со преземање одлучни чекори за решавање на отворените прашања, но македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.