Македонија
Заев: Пристигнува пролетта и сериозна реформа на СДСМ
За првпат во тридецениското постоење на плурализмот во нашава земја, токму членовите на СДСМ испишаа историја практикувајќи највисоко ниво на внатрепартиска демократија, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој беше реизбран на функцијата.
„Ја примив вашата порака, укажувањето чест по трет пат да ја извршувам должноста, да бидам прв меѓу еднаквите во мојот СДСМ. Денеска гласаа 61.977 членови, од кои 60.840 гласаа ‘за’, а 888 гласале ‘против’ и 249 беа неважечки ливчиња, излезноста беше 90%. Чувствувам голема одговорност и обврска да ги оправдам Вашите очекувања. За СДСМ, но и за нашата татковина.
Се обврзувам пред вас, ќе сторам сè достојно да ја предводам СДСМ и во наредниот период. И во следните четири години СДСМ да остане одлучувачка сила и моќен погон, локомотива кој ќе го движи целото општество напред и само напред!
Денес со право сте горди, бидејќи заедно испишавме историја! Во годината во која одбележуваме 30 години од независноста на државата, СДСМ е повторно прв во промените! Ние уште еднаш потврдуваме дека сме првата партија во реформите, модернизирањето и унапредувањето на севкупните демократските процеси. СДСМ ја подигна својата внатрепартиска демократија на највисоко ниво.
Правото не секој член слободно и демократски да гласа за или против изборот или реизборот на претседателот на партијата не е само врвен демократски дострел, туку предвесник на промените на менталитетот на македонскиот политички плурализам.
Пристигнува пролетта, а велат дека таа е најубавото годишно време во годината, кое носи нови промени и значајни нешта. Трите пролетни месеци: март, април и мај ги одбележуваме со значајни поглавја во нашето постоење и делување. Еве, во март се случја први директни внатрепартиски избори. Во април без многу помпезности ќе го одбележиме јубилејот – 30 години СДСМ, а во мај нè очекува и новиот конгрес.
Ја користам можноста, во првите мигови од мојот реизбор за претседател на СДСМ, уште еднаш јавно да се обврзам: следува НОВА ПОЛИТИКА. Доаѓањето на пролетта го означува почетокот на нашата ПРОЛЕТНА ОФАНЗИВА ЗА НОВ ПРЕСВРТ НА ПОЛИТИЧКОТО ДЕЛУВАЊЕ НА СДСМ И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.
Следува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ќе внесеме нова енергија во нашите редови, ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започната борба против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓани.
СДСМ ќе продолжи да се менува за уште подобро да им служи на граѓаните. Сите заедно ќе продолжиме по патот кој заедно почнавме да чекориме. Станаваме полноправна членка на НАТО-алијансата, се движиме кон полноправно членство и во ЕУ. Продолжуваме да ја градиме нашата татковина во дом за сите граѓани, просперитетна и европска земја“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

