Македонија
(Видео) Заев сведочи пред Мијалков за прислушувањето: „Груевски бараше да му пуштам бомби“
Премиерот Зоран Заев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков попладнево се соочија во судницата на сведочењето за предметот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина” на СЈО.
Заев како сведок рече дека првпат слушнал дека во државата нелегално се прислушува во 2013 година од, како што рече,професор доктор Зоран Верушевски, непосредно по неговиот избор за претседател на партијата. Тогаш Верушевски бил претседател на партиската комисија за безбедност.
„Верушевски ме запозна со работата на комисијата. Еден сегмент беше нелегалното следење на комуникациите“, рече Заев. Тој појасни дека имале материјали во пишана форма и аудиоматеријали.
Според него, најмногу била прислушувана тогашната опозиција, на второ место биле новинарите, па експертите, меѓу кои и универзитетските професори, претставници на невладините организации и верските заедници, неколку броеви на високи претставници на тогашната власт и претставници на албанските политички партии.
Заев кажа дека бомбите биле заклучени во простории на СДСМ, со процедури и стандарди, а пристап имале само тој и Зоран Верушевски.
Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои ги предадоа материјалите, тогаш не ги познавал и, како што рече, немал информации дека преку нив одел преносот на бомбите, а дека тој бил следен и со посебни истражни мерки
„Ја потврдувам автентичноста на моите разговори и СМС-пораки”, рече Заев, на прашање на обвинителот дали прислушуваните материјали се негови.
Заев кажа дека четири пати се сретнал со тогашниот премиер Никола Груевски во неговиот кабинет до првата објава на бомбите на 9 февруари 2015 година и му раскажувал содржини од бомбите.
„Груевски се шегуваше на средбата дека тоа не е точно, дека не може да поседуваме такви материјали“, кажа Заев во сведочењето пред судот.
„Еден од тие разговори беше како тој тајно купува плац на Водно“, рече Заев за поранешниот премиер. Груевски барал и лично од Заев да ги чуе аудиоматеријалите, но Заев тоа не му го овозможил, туку само му ја раскажувал содржината.
Досега како сведоци во предметот беа сослушани инженерите во поранешното УБК, Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски, Сашо Трајковски и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски.
Обвинети се 12 лица, меѓу кои поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, тогашнииот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски.
Обвинетата Елена Џиланова призна вина и доби условна казна затвор. Првото рочиште за предметот се одржа на 22 декември 2017 година.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

