Македонија
Затвореници од „Идризово“ однесени во болница, по претресите од специјалците

Двајца затвореници од затворот „Идризово“ побарале болнички третман по претресите со асистенција на специјалци од МВР, дознава „Макфакс“. Неофицијално, се жалеле на повреди и со Брза помош, изутринава, се однесени во болница. По третманот од дежурните доктори во Клинички центар, биле вратени во затворот.
Според извори на „Макфакс“ од затворот, двајцата затвореници кои барале болнички третман, до вчера попладнето биле сместени во полуотворениот дел на затворот, односно новоизградениот дел. По претресите, а поради нивното однесување, биле префрлени во затворениот дел од затворот.
Исходот од претресите засега не се соопштува во јавност, иако тие се завршени вчеравечер. Беа направени од затворската полиција, со асистенција на МВР.
Претходно, специјалците ги блокираа сите влезови и излези од одделението, а беа поставени и блокатори за сигнал.
Ваквата акција доаѓа откако беа запалени четири автомобили на вработени, во рок од шест месеци. Меѓу последните случаи, беше и запалениот автомобил на заменик-директорот на „Идризово“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЛДП: Крајно време е да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери

Либерално-демократската партија ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на нивната идеја за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници – предлог што ЛДП подолго време го застапува и промовира преку јавни настапи и трибини.
Ваквата идеја станува реалност со ново предложените измени на Законот за локална самоуправа, кои денес влегуваат на комисиска расправа во Собранието, велат од ЛДП.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, посочи дека е крајно време да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери. Таа ја поздрави иницијативата за нов закон, кој ќе бара двотретинско мнозинство, како шанса за вградување на силни механизми за отчетност.
Идејата, која беше дел од законот од 1996 година, повторно се враќа со цел да се зголеми одговорноста, отчетноста и транспарентноста во локалното управување. ЛДП активно учествуваше во промовирањето на ова решение преку јавни настапи, дебати и панел дискусии.
ЛДП потенцира дека е добро и корисно што Владата и владејачкото мнозинство конечно ги прифаќаат нашите идеи и предлози како што се референдумското отповикување на градоначалник и комуналната полиција. Овие измени ќе придонесат за поодговорно и поефикасно управување на локално ниво, во корист на сите граѓани.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме патот на мирот, соработката, слободата и солидарноста

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во честитката Филипче порача дека денешниот ден е потсетник колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа.
„9 Мај е ден кога се потсетуваме колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа. Денеска се навраќаме на еден од најважните денови во историјата, победата над фашизмот. На овој ден се стави крај на омразата, на убивањата, на уништувањето, на поделбите. Денеска оддаваме почит на борците од Народно ослободителната војна, кои ги дадоа своите животи за слободата која денес ја живееме.
Истовремено, денес е и Денот на Европа, ден кога ги славиме европските вредности од кои никогаш не смее да се откажеме. Мора цврсто да продолжиме по патот на мирот, соработката, слободата, солидарноста.
Ние сме дел од европската приказна и нераскинлив дел од борбата против фашизмот. Да не дозволиме никој никогаш да ги поткопа вредностите врз кои е градено ова општество. Македонија припаѓа таму каде што се почитуваат човековите права, каде што се гради заедништво и каде што никој не смее да биде исклучен затоа што е различен.
Денешната борба не е со пушка. Денес се бориме со збор, со став, со почит и одговорност.
Честит 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Да не заборавиме од каде доаѓаме и каде сакаме да одиме”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
„Максим Димитриевски е фатен во корупциски скандал, денес ќе го објавиме и договорот со кој ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от“, велат од СДСМ

„Максим Димитриевски е фатен „жив“ во јасен како солза корупциски скандал. Ниедно обвинување кон СДСМ не може да го побие фактот дека со овој скандал тој ги урна своите клучни изборни ветувања пред граѓаните – дека ќе се залага за правда и дека ќе се бори против ДУИ“, велат од СДСМ.
„Човекот кој не престана да зборува дека имало криминал во државата и дека за тоа, пред сè, е виновна ДУИ, сега самиот прави криминал – со ДУИ.
Не е чудно што луѓето, особено жителите на Куманово, се во шок од криминалот на Димитриевски. Но, СДСМ јасно предупредуваше за ова уште во изборната кампања.
ЗНАМ е во политиката поради две причини: прво, да биде продолжена рака на Мицкоски, и второ, Димитриевски да си ги спроведува криминалните проекти во општина Куманово.
Денес, СДСМ ќе го објави и договорот со кој Димитриевски ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от, и граѓаните ќе бидат дополнително шокирани кога ќе сфатат за каков опортунист станува збор“, соопшти СДСМ