Македонија
Дури 70 отсто странци, без работни дозволи ќе го градат Коридор 8, тврди Николоски објавувајќи документи
ВМРО-ДПМНЕ до медиумите испрати став од потпретседателот Александар Николоски за кој посочува дека објавува документи од кој се гледа дека Ковачевски лажел, дури 70 посто странци ќе го градат Коридорот 8, без работни дозволи.
„Два дена Владата молчи на новите сознанија поврзани со спорниот договор за автопатите кои ги изнесов во јавност, а се однесуваат на:
– Ангажман на дури 70% странски работници и само 30% домашни во изградбата
– Работа на странци без работни дозволи и дозволи за престој
Затоа денес објавувам 2 документи кои според свиркачите кои ни ги доставија се дел од спорниот договор за изградба на автопатите. Се работи за план 11 од договорот што се однесува за бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни.
Како што можете да видите на првиот документ/графикон со црвена боја се странските работници! Огромна бројка, огромни средства ќе се одлеат надвор во услови на немаштија. Од вкупниот број работници САМО 30 отсто ќе бидат домашни, а ДУРИ 70 отсто странци. Што значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓани ќе ги дадат за изградбата на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци!, пишува Николоски.
Тој додава: „Притоа Ковачевски и Груби лажат дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници иако јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци. Во вториот документ има два сегменти – точна бројка на странски и домашни работници кои ќе бидат ангажирани по години, како и уривањето на правната држава преку одобрението странци да работат без регулиран престој и почитување на законите. За странец да работи потребно е дозвола за престој и работна виза, само за работниците на автопатиштата на „ Бехтел и Енка “ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви безбедносни проблеми тоа лице ќе направи. Ова е уште едно кршење на законите. Да цитирам дел од договорот: Согласно на Посебниот закон член 13 (1), на странските работници вработени во Проектот ќе им биде дозволено да започнат со работа на Проектот по аплицирање запотребните дозволи за престој и работа пред и додека се чека, постапката за издавање на дозволи за престој и работни дозволи да биде одобрена или одбиена. Појасно кршење на закони од ова нема!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.