Македонија
Арсовска трета најплатена градоначалничка во регионот, покажува анализа на српска „Н1“
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, е меѓу најплатените градоначалници во регионот, покажуваат податоците што ги објави српски „N1“.
Според податоците, Арсовска е на третото место според висината на платата на градоначалниците на главните градови во поранешна СФРЈ. Пред Арсовска, според месечната плата се градоначалниците на Љубљана и на Загреб.
Највисока плата има градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, несметајќи го додатокот за стаж, кој изнесува 2.696 евра, а градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ заработува 2.318 евра месечно.
Арсовска, според телевизијата моментално зема плата од 2.036 евра, а истата се утврдува со множење на висината на просечната плата на ниво на република со коефициент 3,70.
Месечната плата на градоначалничката на Подгорица, Оливера Ињац е 1.562 евра, а на градочалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ 1.510 евра месечно, без надоместоци, додека најниска плата во споредба со другите градоначалници на главните градови во регионот има првиот човек на Белград, Александар Шапиќ – 1.399 евра.
Апсолутен рекордер по заработка во земјите од поранешна СФРЈ е градоначалникот на Бјелина, Љубиша Петровиќ, чија месечна плата е 3.305 евра. По него е најплатениот градоначалник во Хрватска – првиот човек на Задар, Бранко Дукиќ, кој заработува 3.026 евра месечно, додека примањата на другите градоначалници на најголемите градови во регионот се под 3.000 евра.
Кога ќе се споредат платите на челниците на најголемите градови, по десет од наведените земји, најниска плата има градоначалникот на Панчево, Александар Стевановиќ, кој заработува 910 евра месечно, објави телевизијата
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.