Македонија
Затруениот битолчанец може да има последици, се проверува дали во кафулето испил детергент за садови наместо кисела вода
Во стабилна состојба е битолчанецот кој во кафуле побарал кисела вода, а се сомнева дека му донеле и испил детергент за перење на садови. Но, веројатно дека ќе останат последици по неговото здравје. Ова за „Макфакс“ го посочува докторот и директор на Клиниката за токсикологија, Ридван Бајрами. Тој вели дека состојбата на 42-годишникот е подобрена, споредено со од пред два дена.
„Во тек се испитувања. Има некои хемиски состојки, кои ќе треба да потврдат, а однесени се за анализирање на Судска медицина“, вели директорот Бајрами, прашан што испил пациентот, поради што за момент му се влошила состојбата.
Прашан дали станува збор за детергент за миење садови, директорот додава: „Не можеме да го кажеме тоа така, ние првично така го примивме, дека консумирал средство за миење садови во машина“.
Пациентот веќе има оштетувања на хранопроводникот и желудникот. Медицинскиот тим на Клиниката ќе се бори за да не дојде до компликации.
„Веројатно е да има последици со хранопроводот и желудникот. Ќе видиме како ќе оди од тој аспект. Нека помине акутната фаза, па потоа ќе се справуваме со компликациите“, додава директорот на Клиниката за токсикологија за „Макфакс“.
Прашан дали овие компликации кај пациентот може да се доживотни, тој вели тоа ќе зависи од степенот од оштетувања.
„За жал се зависи до кој степен е стигнато. Која фиброза, дали ќе треба интервенција, дали гастро-конзервативно ќе се третира, ќе видиме потоа. Сега се бориме оваа фаза да се надмине. Сега е стабилен, не можеме ништо да кажеме. Хранопроводот може да перфорира ако е некроза, па да направи мемедијастинит, плеврит, и така натаму“, додава Бајрами за „Макфакс“.
Случајот е пријавен во полиција од страна на сестрата на битолчанецот. Според пријавеното, тој испил кафе и побарал пакувана вода, а кога ја испил течноста, му се слошило. За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.