Македонија
За вакцинирање во Македонија заинтересирани 38.000 лица кои имаат над 70 години
Министерството за здравство информира дека досега преку веб-страницата Vakcinacija.mk, 55.970 лица ја пополниле формата за аплицирање со искажување интерес за вакцинација против Ковид-19. Преку матичниот лекар за вакцинација се пријавиле 29.209 лица. Од оваа вкупна бројка 38 илјади лица над 70 години се пријавени за вакцинација.
Вчера, со вакцинација на 202 здравствени работници почна имунизацијата во земјата. Во согласност со направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица што работеле или работат со ковид-пациенти од Инфективната клиника, ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, интерните клиники, кои хоспитализираа пациенти.
Од следната недела вакцинацијата ќе почне и кај здравствените работници во болниците во државата, како и во приватните болници.
Во неделата од Србија добивме 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер“. Во текот на следната недела во Северна Македонија се очекува да пристигнат и другите количини од Србија.
До крајот на февруари се очекуваат да пристигнат и 200 илјади вакцини од Народна Република Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.