Македонија
ЗНМ бара претседателот на Судски совет да се извини на новинарите
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осудува навредите на новинарите од претседателот на Судски совет, Зоран Караџовски, кој во изјавата од 22 февруари ги оцени извештаите на медиумите за распределувањата на судиите од кривичен во прекршочен суд како театрални вулгарности, а новинарите ги етикетираше како „самонаречени новинари“.
Ваквите изјави на Караџовски, кои се повторуваат во континуитет, се неодговорни и непрофесионални и претставуваат неуспешен обид за нарушување на кредибилитетот и интегритетот на новинарите. Ако имало непрофесионално известување од одредени новинари за распределување на судиите, Караџовски можел да побара заштита од Совет на честа на ЗНМ или Советот на етика во медиумите, а во крајна инстанца и од судските органи, но во никој случај нема право да ги дискфалификува сите новинари, со цел да ја поткопа довербата на јавноста во медиумите, велат од ЗНМ.
Караџовски за лошите состојби во судскиот систем не треба да бара дежурни виновници кај новинарите, туку треба да преземе лична одговорност за слабостите во работата на судовите, за што потврди и пресудата на Европскиот суд за човекови права од девети февруари. Тој мора да ја почитува улогата на медиумите во демократијата како заштитници на јавниот интерес преку постојано инсистирање институциите да бидат транспаретни и отчетни, додаваат од ЗНМ.
Истапот на Караџовски целосно кореспондира со реакциите на Кривичниот суд во врска со известувањата на медиумите за промената на годишниот распоред на судиите од В.Д. претседателката на судот, Татјана Михајлова, која во континуитет не дозволува снимање на новинарските екипи на судењата на поранешниот премиер Никола Груевски, затскривајќи се зад барањето на обвинетиот да не се снима. Сепак крајна одлука дали ќе се дозволи снимање ја носи според неговото убедување и јавниот интерес на граѓаните, кои имаат право да знаат за што е осомничен поранешниот премиер, порачуваат од ЗНМ.
Бараме од претстедателот на Судски совет јавно да се извини за искажаните навреди кон новинарите, а судијката Михајлова да дозволи снимање на новинарските екипи. Правото на презумпција на невиност на поранешен премиер не може да има предност пред правото на јавноста да знае, заклучуваат од ЗНМ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

