Македонија
ЗНМ: Здравствените власти да не ја попречуваат работатата на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија (ССНМ) реагираат на попречувањето на работата на новинарските екипи, кое се случува во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
„Според повеќе пријави од колеги, што пристигнаа до канцелариите на ЗНМ, и новинарскиот Синдикат, за време на викендот и денеска на новинарите и снимателите од страна на обезбедувањето на болницата не им бил дозволен пристап и биле бркани, дури и на паркингот на болницата.
Укажуваме до Министерството за здравство и менаџерите на ГОБ „8 Септември“ дека не смее да им го ограничат пристапот на новинарите да известуваат за теми поврзани со работата на болницата и пандемијата.
Свесни за сензитивноста на темите за кои има особен јавен интерес, потребно е да се обезбедат услови, каде што новинарите ќе имаат можност непречено да известуваат. Потсетуваме дека слободата на изразување е уставно загарантирано право во Република Северна Македонија, кое не може ниеден поединец да го ограничи бидејќи со тоа ќе има прекршување на членот 16 од Уставот. Особено што станува збор за теми од исклучителен јавен интерес“, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека новинарите и уредничките тимовим особено во вакви услови на криза, потребно е да известуваат во согласност со етичките принципи на новинарската професија, со штитење на приватноста на граѓаните кои може да бидат дел од снимениот материјал.
„Потсетуваме дека според Етичкиот кодекс на новинарите, новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, исто така новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалоста. Доколку граѓаните имаат забелешки за работата на новинарите и медиумите, потсетуваме дека имаат можност да достават претставки до Советот на честа или до Советот за етика на медиумите во Македонија.
Истовремено, бараме од Министерството да ја повлече одлуката за снимање пред тријажниот центар и околу болницата „8 Септември“, само со дозвола од директорот на болницата или Министерството, бидејќи со тоа директно им се оневозможува работата на новинарите и фоторепортерите што известуваат за состојбата со ковид-кризата и состојбата во болниците“, бараат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

