Македонија
ЗНМ повикува на транспарентна и непристрасна истрага за рекламирањето на партиите на последните избори

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на објавата на Основното jавно oбвинителство во која информираат дека е отворена истрага за платеното политичко рекламирање од последните избори во дел од онлајн-медиумите, кои беа пријавени во Државната изборна комисија на последните избори.
Според ОЈО и објавите на медиумите за овој случај, се проверува документацијата во три фирми дали е надминат законскиот лимит од 15 илјади евра за рекламирање во вкупно девет портали, каде што ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала.
„Бараме од ОЈО со внимателност да пристапи кон понатамошната истрага со цел да не се создаде впечаток во јавноста дека истрагата е селективна само кон една политичка партија зашто во регистарот на ДИК имаше пријавено 235 онлајн-медиуми со разни уредувачки политики, а речиси половина од нив без објективна информација кој стои зад нив. Освен ова, истрагата треба да е транспарентна и непристрасна со цел да се избегне перцепција дека со вакви активности органите на прогонот сакаат да ги заплашат професионалните онлајн-медиуми“, велат од ЗНМ.
Здружението потсетува дека пред усвојувањето на Изборниот законик, ЗНМ како партнер во процесот на консултациите од Министерството за правда инсистирашна укинување на праксата на платена политичка пропаганда во медиумите.
„Наместо нашите препораки, политичките партии со консензус уште повеќе ги намалија критериумите за кои онлајнмедиуми може да се пријават во ДИК за платена политичка програма. За овој ризик од корупција дозволен со Изборниот законик, ЗНМ алармира во повеќе наврати дека претставува ризик за перење јавни пари од страна на политички партии преку фиктивни медиуми“, велат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наместо политика за развој на културата, Љутков води партиска пропаганда, велат од СДСМ

Според СДСМ, денешната прес-конференција на министерот за култура Зоран Љутков е уште еден обид да се замаскира годишното фијаско на ВМРО-ДПМНЕ во културата. Наместо отчет, јавноста доби низа лаги, манипулации и самопофалби без основа.
„Нема „успешна година“ кога институциите немаат средства, проектите стојат, а вработените во Министерството за култура се сегрегирани по партиска припадност и без законски исплатената плата согласно со колективните договори.
Министерот премолчи и дека не се почитува Колективниот договор и се манипулира со културните работници, кои се под постојана закана и притисок.
Љутков не кажа ништо за запирањето на сите активности во заштитата на културното наследство, за нефункционалните конкурси, за партиските поставувања и за скандалите во кабинетот – кои не се „успех“, туку пораз на институцијата“, велат од СДСМ.
Додаваат дека на денешниот прес министерот за култура Љутков ја излажал јавноста дека за првпат по 8 години е распишан конкурс за креативни индустрии.
„СДСМ го потсетува Љутков дека во 2024 година беше распишан и спроведен Конкурс за креативни индустрии, кој ги содржеше во винстинска смисла на зборот креативните индустрии, а не како годинешниот конкурс на Љутков скроен по мерка за лукративни и корумптивни проекти што би требало на ВМРО-ДПМНЕ да му донесат повеќе гласови на претстојните локални избори.
Наместо културна дипломатија – само патувања без ефект и без отчет. Еве сега прашуваме што конкретно донесе за културата неговото последно патување во Америка и во крајна линија за туризмот? Наместо инвестиции – кратења од буџетот. Наместо визија – политичка пропаганда“.
Остро реагираат како што велат на обидите да се прикаже неработата како резултат.
Македонија
Онлајн закажување термин за сликање за лични документи и за македонската дијаспора, соопшти МВР

Министерството за внатрешни работи овозможи онлајн закажување термин за сликање за лични документи во државата и за македонската дијаспора, односно сите оние кои не поседуваат македонски телефонски број преку можност да извршат резервација преку електронската пошта, https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request.
Од моментот на воведување на електронското закажување преку Веб страницата на МВР во текот на 2024 имало во просек по 7000 закажани термини месечно, а во текот на 2025 има над 4000 термини месечно или во просек речиси по 200 закажани термини на ден преку овој сервис.
МВР информира дека закажувањето термин преку редовните телефонски линии функционира беспрекорно и термин за редовна постапка се добива за еден ден.
Македонија
Ковачки од Берово: Во првата година од мандатот економијата заздравува

Наследивме една тешка социоекономска состојба во државата којашто беше резултат на катастрофалното владеење на СДС и на ДУИ. За среќа, резултатите на Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека уште во првата година од мандатот, економијата заздравува а ветувањата се оставруваат, истакна Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во првата година од мандатот го реализиравме предизборното ветување за 5.000 денари зголемување на пензиите на сите пензионери. Понатму, ветивме дека ќе го завршиме проектот со клиничката болница во Штип, нешто што е многу значајно за овој крај, за овие граѓани во селото Ратево, во селото Миташинци, воопшто за општината Берово каде што сме денеска во посета.
Заедно сме денеска со нашиот кандидат и иден градоначалник на општина Берово тоа е господинот Петар Ружински. Заедно да ги слушнеме проблемите на граѓаните, работите со коишто тие се соочуваат и имаат да ни ги предложат за да ги ставиме во нашата програма“, додаде тој.
Најави дека во наредниот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски ќе бидат насочени на инфраструктурно градење на овој дел од државата којшто, според Ковачки беше заборавен од претходната власт.
„Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе биде господинот Петар Ружински за доброто на сите граѓани во Берово“.